Ковачевски: Ќе се утврдуваат причините за смртта на шестгодишната Јана

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека треба да се почекаат фактите од извештаите за да се утврди причината за смртта на шестгодишната Јана во битолската болница.

„Во однос на тој случај вие знаете дека истиот ден кога се случи беше направен вонреден инспекциски надзор од страна на ДЗСИ. Беше информирано и Обвинителството и извештаите, како што информираше вчера заменичката министерка за здравство, веќе се доставени до Министерството за здравство. Врз основа на нив ќе се утврди точната причина што се има случено. Јас не би можел да прејудицирам што точно се има случено, бидејќи пред се не сум медицинско лице. Меѓутоа, врз основа на сите факти ќе бидат носени одлуки во иднина, но прво да почекаме да бидат споделени фактите за точно што се има случено во битолската болница“ – рече денеска Ковачевски.

Премиерот смета дека ние имаме функционален здравствен систем. На забелешките дека нема доволно медицински кадар, тој рече дека во здравството е потребно да се направи прераспределба на кадрите.

„И на Министерството за здравство и нормално на директорите на клиниките, е да ги распоредат кадрите во рамките на државата таму каде што имаат потреба, бидејќи се добива понекогаш впечаток дека во некои места има недостиг, а во некои места во принцип сакаат најмногу да работат сите работници. На пример, во градот Скопје некаде се јавуваат одредени вишоци на кадри така што треба да се направи добро распоредување на ресурсите и согласно тоа да функционира системот на уште подобро ниво“ – рече Ковачевски.

 

 

Поврзани новости