СДСМ денес одржа координативен состанок на стратешкиот тим, објави премиерот Димитар Ковачевски на својата фејсбук страница.
Во координативниот тим покрај Ковачевски се и поранешниот премиер Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ.
-СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат, објави Ковачевски.
Тој понатаму пишува дека на состанокот се разговарало во насока да направат сè за да овозможат целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата мнозинството граѓани Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.
-Европскиот пат и полноправното членство во ЕУ е највисок државен и национален, македонски приоритет. Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации. Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина, објави Ковачвески.