Во новоформираниот стратешки тим на СДСМ, партискиот лидер Димитар Ковачевски на една маса ги седна Зоран Заев, Миле Зечевиќ, Оливер Спасовски, во време на бројни информации и тврдења за крупни разлики и несогласувања во СДСМ, пред се меѓу сегашното и поранешното партиско раководство.
Како што велат високи партиски извори, идејата за формирање на вакво партиско тело била одамна, а синоќешниот состанок минал во опуштена и конструктивна атмосфера, без никаква негативна енергија.
По стратешкиот тим, според информации на „Фокус“, следната недела треба да се формира уште еден партиски тим, кој ќе биде задолжен за подготвување на партиска програма со која социјалдемократите ќе настапат на следните избори.
Во овој тим ќе биде поранешната партиска претседателка Радмила Шекеринска, заедно со неколку функционери од актуелното раководство – Сања Лукаревска, Стефан Богоев, Андреј Петров, Фатмир Битиќи.
Инаку, Шеќеринска беше заменик-претседател на СДСМ откако Заев стана партиски лидер во 2013 година, но во 2021 година одлучи да се повлече, изразувајќи несогласувања со начинот на владеење на СДСМ, кој, како што велеше, не учел од некои грешки.
После лидерските промени по локалните избори истата година, кога Ковачевски стана нов партиски лидер и премиер, Шеќеринска беше избрана за потпреседателка на Партијата на европските социјалисти на предлог на СДСМ.
На овој начин, преку формирање на новите партиски тимови, актуелното раководство на СДСМ практично демонстрира единство, собирајќи ги на купче сегашните и поранешни партиски авторитети, меѓу кои имало и има лични и концепциски разлики.
„Стратешко“ обединување на СДСМ за членство во ЕУ, но и за потиснување на личните разлики!
За потсетување, „Фокус“ на почетокот на годинава пишуваше дека Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Али Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал.
Притоа, тој се приближил и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кому, како што објавивме, му нудел и поддршка од пратеници за предвремени парламентарни избори.
(АРХИВА) Зошто Заев се разидува од Ковачевски и се врти кон Мицкоски?
Зошто Заев му нудел пратеници на Мицкоски за предвремени парламентарни избори?
Во меѓувреме, ДУИ почна да говори за хибриден фронт кој се формирал со цел да ја прати партијата во опозиција. Според „интегративците“, и Заев е дел од овој фронт.
За волја на вистината, основите за таквите проценки се поставени уште кога тој почна да промовира концепт за заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО по германски модел. Околу оваа тема, Ахмети внимателно бираше зборови на последното интервју.
На барање за коментар во врска со информациите дека Заев и после овие избори, кога веќе практично се пензионираше, работел со Мицкоски на сценарио ДУИ да се прати во опозиција, рече дека имало работи што не може да ги сподели со јавноста.
Исто така, и Никола Груевски отворено почна да говори за врската Заев-Мицкоски, па дури и изрази сомнеж дека Заев стои зад нападот на Мицкоски кон него дека е во тајна комуникација со власта, со цел да обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени во замена за амнестија од кривичен прогон.
–Не можам да исклучам дека оваа хајка кон мене на ВМРО е потикната од Заев. Сакаше да ме внесе во затвор, од каде добивав пораки дека едвај ме чекаат и не можам да кажам дека тој човек се откажал од тоа или дека не е исплашен од мое враќање порано.
Ако таа соработка е таква интезивна и честа со заеднички планови, 2 мандати коалиција СДСМ и ВМРО под негов патронат, тогаш јас сум вишок и не сакаат да ме видат – рече Груевски на „Инфомакс“.
Влатко Стојановски