Во овој момент не можам да кажам за тоа дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со неговиот бугарски колега Кирил Петков во Рим.
Како што јави известувачот за МИА од Рим, премиерот Ковачевски напомена дека доколку има документ кој што ќе биде заемно прифатлив, тој ќе биде презентиран јавно.
На средбата со Петков, како што информира премиерот, присуствувале и министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои информирале за текот на разговорите што се одвиваат на ниво на експерти на министерствата.
Според Ковачевски, договорено е тие разговори да продолжат со цел да се обидат министерствата за надворешни работи да дојдат до документ што би бил прифатлив за двете држави и би претставувал основа за решение кое ќе може да биде споделено со институциите во двете држави.
– Воопшто не разговаравме и за тоа дали има нови услови од Бугарија. Се работи на оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, кој што уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок, рече Ковачевски.
Тој напомена дека средбата со премиерот на Бугарија била исклучително конструктивна и дека разговарале на повеќе теми.