Ковачевски и Мицкоски беа домаќини на ифтарски вечери

by Fokus

Премиерот, Димитар Ковачевски, вечерва беше домаќин на Ифтарска вечер, на којашто присуствуваа поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, министри и членови во Владата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеници, претседатели на политички партии, уредници и други гости.

„Во оваа Ифтарска вечер, еве седиме заедно на маса, го делиме лебот, споделуваме меѓусебна почит – и ова е најдобар одраз на вредностите кон коишто сме определени. Тоа е сплотеноста, во еднакво општество за сите, во кое што заедно ги надминуваме предизвиците и заедно ги отвораме перспективите, градиме иднина – за секој човек, за секое семејство, за нашата заедничка држава, којашто е наш заеднички дом“, порача премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека годинава рамазанскиот пост се поклопува со велигденскиот пост, дека се пости различно, но дека пораките на двата верски празника – и на Рамазан и на Велигден, се исти.

Домаќин на ифтарска вечер беше и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

„Во време кога припадниците од исламската вероисповед го слават месецот Рамазан, ми беше особена чест да организираме Ифтарска вечер за нашите членови и пријатели од исламска вероисповед. Моја беше честa да разговараме за актуелните предизвици, тешкото време и иднината за која мораме заедно да се бориме. Македонија и проблемите во земјата се на сите луѓе, и нашата одговорност за создавањето на иднината е подеднаква и заедничка. Нека големите празници донесат мир и спокој, обединување и радост каква сите луѓе заслужуваат.“, стои во објавата на Мицкоски.

Поврзани новости