Премиерот Димитар Ковачевски смета дека враќањето на експремиерот Никола Груевски е депласирана тема.
Тој денеска одговараше на новинарски прашања и рече дека за Груевски е распишана потерница и тој навистина треба да се врати во Македонија, но за да се соочи со правдата во согласност со македонските закони.
Ковачевски демантира дека бил во каква било комуникација со Заев поврзана со враќање на екс премиерот во Македонија откако утрово некои од медиумите објавија дека Заев му се заканил на раководството на СДСМ дека ќе тргне против него ако продолжи да соработува со ДУИ во нивната акција за враќање на Груевски.
„Прво не сум имал состанок со поранешниот претседател, по состанокот што го имавме на телото за стратегија во СДСМ каде што членуваат поранешниот претседатели и секретари ниту пак сме имале состанок заедно со генералниот секретар. Во однос на актуелната тема, која што за мене најискрено да ви кажам не е ни актуелна во врска со враќање на поранешниот претседател на владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека тоа е депласирана тема бидејќи за него има потерница да се врати во Македонија но треба да се врати за да се соочи со казната согласно законите и согласно она што е донесено од правосудните органи. Исто така прашавте во врска со комуникација со правосудните органи. Јас веќе сум кажал, јас немам никаква комуникација со правосудните органи затоа што сметам дека тие треба да работат независно и тоа ќе ви го каже секој судија или обвинител.
Сметам дека сите овие теми се интересни за слушање и за читање но сметам дека нема основа тие да бидат реална политичка дебата во државата“ смета премиерот Ковачевски.