Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на дводневната официјална посета на Берлин во изјава за медиумите рече дека „вчера беше исклучително јасна пораката на канцеларот, Германија останува еден од најпосветените партнери и држава која што практично дава најголема поддршка на земјите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ. Беа одговорени и добар дел од прашањата кои се поставуваа, а тоа се однесува на одлуките кои треба да ги донесеме. Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ и е дел од преговарачката рамка практично е она до што се придржуваат земјите членки на ЕУ и дека гаранција за тоа се земјите членки на ЕУ“.
Пораката на македонскиот премиер е дека Шолц „ја изрази поддршката на Германија во делот на одлуката која ја имаме пред нас, а тоа е гласањето на уставните амандмани за вметнување на други делови од народи вклучувајќи ги деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот устав“.
„Тоа е одлука која што треба да се донесе до завршувањето на скринигот со цел процесот да не застане и да може Северна Македонија непречено да го продолжи отворањето на поглавјата и реформите кои ќе следуваат, за што повторно ќе бидат потребни 2/3 во делот на реформата на правосудството, во делот на реформата на јавната администрација, реформата на медиумите сè се тоа закони кои што донесуваат со 2/3 мнозинство. Затоа велам дека овој тип на гласање и овој тип на реформи не треба да биде предмет на дневно политички дебати и теми на кои се добиваат дневно политички поени од избори на избори, туку треба да бидат предмет на еден општествен консензус бидејќи со нив се обезбедува побрза интеграција на државата и на ЕУ и пред се подобар животен стандард за граѓаните“ рече Ковачевски.
Економијата е една од темите кои се многу значајни во делот на соработката со Германија, земја која е најголем трговски партнер на Северна Македонија, над 3,5 милијарди евра годишен извоз од земјава оди во Германија. Потоа 200 германски компании се инвеститори во Македонија којшто вработуваат над 20.000 работници.