Двојна победа на претстојните парламентарни и претседателски избори најави вечерва во Прилеп, лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, говорејќи на трибината „Повеќе за сите“.
– Оваа мотивираност, оваа победничка енергија што ја гледам вечерва во Прилеп, како и на сите наши трибини досега, најавува извесна победа на СДСМ. Победа на претседателските и победа на парламентарните избори наредната година. Тоа ќе биде двојна победа за просперитетна, економски напредна, европска Македонија!“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека во наредниот мандат ќе продолжи растот на платите и пензиите уште повеќе, ќе продолжи економскиот раст, инвестиците, а со членството во ЕУ, платите и пензиите ќе бидат за 70% поголеми од она што се денеска.
-Победничката програма којашто ја подготвуваме ќе значи уште повеќе и за граѓаните и за државата. Кога велиме дека со СДСМ секој добива повеќе, не мислиме само на антикризните мерки и на оваа историски најголема финансиска поддршка за граѓаните. Доколку се спореди со времето на ДПМНЕ нема сегмент во којшто СДСМ нема подобар резултат, и тоа драстично подобар. Изборот е јасен, напредок и членство во ЕУ со СДСМ, или изолација и стагнација со ДПМНЕ, рече лидерот на СДСМ.