Ковачевски: Договорено е Грција да обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен за Македонија

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со шефот на грчката влада Киријакос Мицотакис во Атина рече дека на состанокот е договорено Грција да обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на електрична енергија во Македонија.

– Снабдувањето со јаглен ќе се одвива непречено во четвртиот квартал од 2022 и првиот квартал од 2023 во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Ќе има непречено снабдување со мазут преку Грција, за непречено да функционира ТЕЦ Неготино. Веќе се јавуваат недостатоци на енергенси во европа, па треба да обезбедиме непречено снабдување со овие суровини и да нема нивно ограничување при увозот, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со Мицотакис се разговарало за големите проекти, како гасоводот до Неготино од Евзони, за кој веќе има понуди за закупување на капацитети и би требало изградбата да започне до крајот на годината. Се разговарало и за голема гасна централа до 200 мегавати во Скопје, за која има веќе анализи како стратешка инвестиција пред Влада.

-Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 МВ која што тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена на Влада и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Северна Македонија, меѓутоа и за регионот, истакна тој.

Ковачевски рече дека се разговарало и за проектот „Чебрен“ за кој веќе е отпочната процедура и после голем број на неуспешни обиди да има понуда и инвеститор кој е заинтересиран за изградба конечно овој пат имаме понуда која е од ППС, грчката компанија.

-Таа ќе помине низ филтрите на евалуација од страна на комисија која што тоа го работи во рамки на нашите институции. И доколку евалуацијата покаже соодветност на понудата со очекувањата тогаш, исто така, до крајот на годината може да очекуваме потпишување и на договор за изградбата на овој би рекол најголем енергетски капацитет во регионални рамки кои би се градел, истакна премиерот.

Тој рече и дека неговиот колега Мицотакис изразил задоволство што Северна Македонија ги отпочна преговорите со ЕУ и што веќе сме на пат на полноправно членство, давајќи ги на располагање капацитетите со кои располага Грција во делот на европските интеграции со оглед на тоа што тие се една од постарите членки на ЕУ, како и експертска помош.

Поврзани новости