Ќе ја пее ли Арсовска заедно со Стевче „Не може нам нико ништа“?!

by Fokus 13:44
13:44

Пишува Ирена МУЛАЧКА

Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска повторно е во жижа на јавноста. Иако, на локалните избори во октомври лани ја доби целата поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, сепак во последниот период се гледа дека односите меѓу неа и лидерот Христијан Мицкоски се нарушени. Тоа може да се забележи и од авион.

Факт е дека Арсовска оди со глава во ѕид, поточно со ставот кој го зазема сака да покаже дека никој не може да и наредува, туку таа сама носи одлуки. Но, се тоа ќе беше добро, ако позадината на нејзиното однесување не е нешто друго. Повторно се во прашање нови политички игранки. Таа се однесува како каубоец, па додека на почетокот ги нареди сите вмровски кадри, сега почна еден по еден да ги разрешува. И се тоа од позиција на моќ, суета и самобендисаност.

Не дека Мицкоски е нешто поразличен, но  дека „независната“ градоначалничка е пуленка на шефот од Будимпешта, на кој и те како во моментот му одговара раздор во партијата. Многу одамна „пукна“ тиквата меѓу актуелниот вмровски лидер и Арсовска, но сега работата е дојдена нож до коска.

За само една година колку што е на власт, Арсовска направи огромни штети, а да не зборуваме се што во позадина крие нејзината „успешна“ менаџерска кариера. Тука е и бугарската лична карта, за која директно никогаш и не демантираше.

Како што досега објави „Фокус“, нејзиниот ветер во грб, поточно нејзиниот татко Ванчо Јовановски располага со огромна бизнис империја, што од фирми, што од хотели сега пренаменети во старечки домови, па се до куќи и станови. Тој е анонимен лик во јавноста, но преку ликот и делото на неговата ќерка добро и го запознавме.

Нормално, се тоа го нема во анкетниот лист на актуелната градоначалничка со оглед на тоа што што таа и нејзиниот татко не се водат во исто домаќинство. Досега, и поставивме огромен број  прашања со поврзани со имотот на нејзиниот татко, кој пред 30 години бил само обичен полициски инспектор. Од каде му се парите? Исто така, и понудивме и интервју, но за џабе.

Секако дека бевме ставени на игнор, бидејќи прашањата не и одговараат на  градоначалничката, која е се само транспарентна не. На вчерашната прес-конфереција на разрешениот директор на „Водовод и канализација“ упадна и Арсовска, која се дрзна да праша во кое својство држи пресови. Од друга страна, пак на на прашањето на новинарите – зошто ги игнорира медиумите, таа се пожали дека нема портпорол, иако за само неколку месеци двајца си заминаа од нејзиниот кабинет. Таа дури им понуди на новинарите, кој сака од нив може да и биде портпарол, па на тој начин ќе била потранспарентна.

Но, градоначалничката не мирува, па преку тендер успеа да си ангажира и маркетинг агенција, која ќе и го подобрува имиџот и ни помалку, ни повеќе истата агенција, која и ја водеше изборната кампања, бизнис зделка вредна 92.000 евра. За тоа и се налутија и од Агенцијата за  аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од каде реагираат дека на тој начин се отвора простор за уништување на независноста во медиумите.

Уште со првото седнување на градоначалничкото столче започнаа скандалите, но очигледно Арсовска тоа не ја засега. Таа настапувајќи од позиција на моќ, како и што веќе објавивме се најде и на распит во полициска станица на 12 мај, годинава за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори. И замислете се тоа се случува бидејќи се дрзнале во Комората да направат ревизија на нејзиното претходно работење. Па, како само смееле тоа да го направат?

Скандал до скандал, а таа мртва ладна продолжува да упаѓа на пресови, да преговара, па така последните муабети се дека покрај почетничките кавги со актуелниот градоначалник на скопски Карпош, Стевче Јакимовски сега ќе ги здружуваат силите. Дали е точно, ќе покаже времето? На политичките игри во државата не може да им се фати крајот!

Дека во се политиката има главна улога покажува и фактот дека по кавгата меѓу Арсовска и Мицкоски „летнаа“ сите вмровски кадри од позициите, кои беа поставени пред само осум месеци. Ајде, еден да не си ја вршел работата како што треба, ама пак сите. Затоа е лошо, ако мислат дека тоа им поминува кај граѓаните. Не се знае веќе кои се разрешени, кои си дале оставки.

По се што се случи,  доблесно е Арсовска да си поднесе оставка, но тргнувајќи од нејзиниот карактер тешко е дека дека тоа ќе се случи. Втор мандат и да се кандидира сигурно нема да добие, но првиот секако ќе го истера. Тешко на скопјани уште три години со неа! Засега,  Данела слободно може да влезе во конкуренција на најлошите градоначалници во историјата на Скопје.

 

 

Поврзани новости