Ковачевски: Да не ги плашат граѓаните, нема завера дека светот и Европа се здружиле против Македонија

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека го зачудува ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека светот и Европа се свртеле против нив во однос на уставните измени, потенцирајќи дека тоа го потсетува на 11-те години на претходниот прв човек на опозициската партија.

Пласирање  тези дека постои светска завера, наведува премиерот, во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен на политичка кариера на тој што го кажува.

„Ставот мене ме зачудува. Јас имав интервју на една од националните телевизии на крајот на минатата недела кога кажав дека тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија.  Такво нешто слушавме и во минатото. Се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин, цело време беа плашени граѓаните дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците, меѓутоа ние после тоа се уверивме дека тоа не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа“, рече Ковачевски.

Второ, и покрај сите хистерии и лажни обвинувања дека ќе настанела бугаризација,  асимилација, губење на јазик и на идентитет, додава Ковачевски, ние ги почнавме преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик, со признаен македонски јазик и идентитет преку резолуции на германскиот Бундестаг.

„Она што следува во американскиот Конгрес преку изјави на сите највисоки раководители од Европа тука во нашиот Парламент за значењето на македонската култура, историја, идентитет итн. Затоа сметам дека една држава која што има стратешко партнерство со САД како ниедна друга земја во овој регион, која што е земја членка на НАТО пласирање на тези дека постои светска завера во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен во политичка кариера на тој што го кажува“, рече Ковачевски.

Тој нагласува дека неносењето одлуки единствено може да не остави во чекалната, за што и сами кажаа дека биле подготвени да чекаат.

„Единаесет години видовме што донесе чекањето. 2008 година ние имавме решение со Грција кое што тогашната влада не го прифати, после 11 години добивме решение кое што беше полошо од тоа во 2008 година. Сега имаме чиста преговарачка рамка со заштитен македонски јазик, се преговара на македонски јазик, се преведува европското законодавство на македонски јазик. И сега е моментот кога постои заеднички интерес и од страна на САД и од страна на ЕУ за продолжување на европската интеграција до 2030 година Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Според него не смееме да дозволиме Албанија, Србија и Црна Гора да отидат пред нас, бидејќи во тој случај остануваме со Босна и Херцеговина и со Косово.

„Ние не сакаме да бидеме во тоа друштво. Тоа се две држави коишто се уште не ги решиле своите основни прашања на уредување на државите. Јас не сакам нашите деца, државата на нашите деца да се најде во такво друштво во поглед на регионалните и европските интеграции. Затоа сега е време да се донесат одлуките“, рече Ковачевски.

 

Поврзани новости