Ковачевски – Блинкен: Итното отворање на преговорите врвен приоритет на САД

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва имаше телефонски разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен, при што изрази благодарност до САД за поддршката за нашата држава во евроинтегративниот процес, но и го поздравил апелот на САД дека е потребно негово забрзување со отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

Ковачевски во телефонскиот разговор потенцирал дека нема време за губење и дека секое натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко да ја отвори вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.

Премиерот Ковачевски ја изразил благодарноста на народот и на Владата за поддршката на САД од независноста до денеска, која што е проследена и со одлични билатерални односи.

Премиерот ја осудил руската агресија во Украина како неиспровоцирана и како грубо кршење на меѓународното право, ја реафирмира цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја поздравија брзата, обединета и решителна реакција на меѓународната заедница.

-За време на разговорот Ковачевски и Блинкен изразиле задоволство од усогласеноста и ефикасната координација на НАТО и ЕУ во санкционирањето на Русија, како и во организирањето на ефикасна поддршка за Украина кон која се приклучи и Северна Македонија, се наведува во соопштението на Владата.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен од своја страна во разговорот со премиерот Ковачевски потврдил дека САД се фокусирани на поддршката за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан.

Со силната поддршка на САД за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија Блинкен ја поздравил новата динамика на дијалогот со Бугарија и изрази надеж дека следува решение за прашањата меѓу двете земjи за време на француското претседателство со ЕУ.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен потенцирал дека поддршката на Вашингтон доаѓа од целосната посветеност на Северна Македонија на вредностите на НАТО, кои земјата ги докажа и во поддршката за Украина којашто е целосно хармонизирана со сите сојузници во НАТО.

Поврзани новости