ЕУ има отворена врата за приклучување на нови членки, но македонскиот евроинтегративен пат зависи од уставните измени и ако не ги направиме тие ќе имаме изолација наместо интеграција, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес конференција по завршувањето на вториот Самит на Европската политичка заедница што се одржа во Кишињев, Молдавија.
„Проширувањето на ЕУ беше предмет на разговорите на работниот дел од самитот каде што уште еднаш беше искажана јасната подготвеност на ЕУ за отворена врата кон нови земји членки за приклучување кон ЕУ, тука пред се се мисли на нас и Албанија кои што треба да ги почнеме отворањата на поглавјата по завршување на скрининг процесот“, рече Ковачевски на прес-конференцијата по Самитот.
Според него, уште еднаш искажана подготвеноста и поддршката за носењето на одлуките кои што треба да ги донесеме ние како наш дел во преговарачката рамка и беше искажана цврстата подготвеност на ЕУ и на Европскиот Совет дека тие ќе го исполнат својот дел од преговарачката рамка, а тоа е отворањето на вториот дел од преговорите после скрининг процесот.