Ковачевски 4 години куртули од кривичната дека притискал за „СВ-Инвест“ – дали сега ќе му „пресудат“ ископите во РЕК Битола?!

Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, е единствениот од опфатените лица во случајот „Адитив“ кој не е осомничен дека бил дел од организацијата што направила злоупотреба на тендерска постапка тешка 6,5 милиони евра, туку се товари за несовесно работење. Како што велат од обвинителството, против него била поднесена кривична пријава и во 2020 година, која била отфрлена. Сепак, вишото обвинителство двапати го враќа предметот на одлучување и во тек е постапка. Токму за оваа кривична пишуваше „Фокус“ пред 4 години, кога објавивме дека таа е поднесена до МВР од страна на битолската компанија „Рубитон“, чии газди тврдеа дека Ковачевски им вршел притисок во корист на друга компанија - „СВ Инвест“, да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово. Подоцна, овој случај го актуелизираше и тогашниот опозициски лидер и актуелен премиер Христијан Мицкоски, кој обвини дека во заднина стоел Вице Заев, брат на Зоран Заев.

by Фокус

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека сѐ уште траеја „импресиите“ од ставањето на „црната листа“ на САД на поранешниот вицепремиер Артан  Груби и на судијата Енвер Беџети, бидејќи се обидувале да го спасат од затвор поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков во случајот со масовното прислушување, беа лиферувани информации за голема координирана акција меѓу полицијата и обвинителството, поврзана со злоупотреба и измама во рамки на АД ЕСМ тешка 6,5 милиони евра.

„Поцрнетиот“ Груби се повлече „чист како солза“: Опожарено „ауди“ го поврза со купецот на хотел од изведувачот на автопатот кон Блаце!

Притоа, кривична пријава заработија 23 физички лица и 2 правни субјекти, откако претреси биле извршени на повеќе локации во Битола, Неготино, Кичево, Велес и во Скопје, а кај три лица биле пронајдени и одземени околу 130.000 евра. Како што наведе МВР, пријавените во текот на 2023 и 2024 година организирале група, која имала за цел вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари.

Станува збор за спорната набавка на адитив за котлите во РЕК Битола, која ја обелодени ИРЛ. Според полицијата, пријавените свесно ги повредиле прописите со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување договори за јавна набавка, организирале пререгистрација на правни субјекти во нивна сопственост, се договарале како учесници во постапката за доделување договори за јавна набавка во АД ЕСМ да се јават правните лица од Скопје и Неготино и да ја изиграат постапката.

„Дел од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение, со намера да прибават за себе или за друг значителна имотна корист не ја извршувале својата службена должност како службени лица вработени во АД ЕСМ Скопје, Подружница РЕК Битола со што овозможиле пријавеното правно лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400 денари“, соопштија од полицијата.

Од Обвинителството, пак, соопштија дека 23 лица се под истрага во предистражната постапка, која се водела две недели. Од таму велат дека, врз основа на 77 барања за издавање наредби за претрес доставени до Основниот кривичен суд Скопје, се извршија претреси на повеќе локации, а издадени се 3 наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување податоци до надлежни институции и МВР.

Осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400 денари“, информираат од ОЈО.

Со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, според Обвинителството, дел од осомничените организатори и припадници на злосторничкото здружение од 24.11.2023 до 28.6.2024 година пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.

Всушност, меѓу осомничените за буџетска штета од 6,5 милиони евра се поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски и Васко Стефанов, поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски, како и поранешниот директор на комерцијални работи во АД ЕСМ Данчо Стојановски, кој е братучед на Маја Јорданова од Велес, сопственичка на компанијата „Браинкоде“, која на ЕСМ ѝ го продаде адитивот.

Единствен кој не е достапен за органите на прогонот е ексдиректорот Ковачевски, кој не е во земјава. Арно ама, како што истакнал на брифинг со новинарите Ислам Абази, шеф на Обвинителството за организиран криминал, засега нема докази дека тој бил дел или учествувал во создавањето на групата осомничена за криминалот за набавка на адитив тежок 6,5 милиони евра, за што се товарат останатите 22 лица.  Туку, тој е осомничен за несовесно работење во службата.

Како име и како осомничен, тој (Ковачевски) е последен произлезен, не бил пријавен ниту во Основното јавно обвинителство Битола. Откако Обвинителството обезбедува докази и спроведува постапка, тој се појавува како осомничен – рекол Абази, одговарајќи на новинарско прашање зошто било дозволено ексдиректорот на ЕСМ да избега и дали се преземаат мерки за негово обезбедување, односно пронаоѓање? Патем, тој потврдил дека против Ковачевски имало уште една пријава од 2020 година, но, според него, тогашниот и сегашниот случај не се поврзани.

Точно е дека за Ковачевски сме имале кривична пријава, сме ја реферирале до републичкото јавно обвинителство и сме донеле решение за нејзино отфрлање. Поднесена беше жалба до Вишото јавно обвинителство кое ни го врати предметот со одредени напатствија. Постапивме по напатствијата и повторно ја отфрливме пријавата. Сега повторно Вишото обвинителство го врати предметот на одлучување и во тек е постапката. Ќе ги разгледаме напатствијата и ќе донесеме соодветна одлука – рече шефот на обвиниелството за организиран криминал.

Инаку, се работи за кривичната пријава за која уште во 2020 година пишуваше „Фокус“, кога објавивме дека битолската компанија „Рубитон на Васко Василев и Јани Радивчев во пријава до МВР навела дека Ковачевски вршел притисок во корист на друга компанија – „СВ Инвест“, да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово. Овој договор бил склучен во втората половина на 2018 година за ископ на јаловина во Суводол, чија проценета вредност изнесувала 224 милиони денари без ДДВ.

Фокус открива: Како компанијата „Рубитон“ била „убедувана“ да отстапи милионски договор во РЕК Битола?

Имено, во рамки на оваа тендерска постапка, државната компанија за производство на струја склучила договори со 3 компании на 18 август 2018 година, при што најголемиот договор во износ од 78 милиони денари бил склучен со „Гранит“ за откопно поле А. Другите два договори на идентична сума од по 72 милиони денари биле склучени со „Марковски Компани“ за откопно поле Ц и со „Рубитон“ за откопно поле Б.  Но, договорот со „Рубитон“ потпишан со времетраење од една година АД ЕСМ го раскинал на 09 ноември 2018 година, или 3 месеци откако бил потпишан.

Патем, била активирана и банкарска гаранција во вредност од 30 милиони денари, по што „Рубитон“ покренал судска постапка по основ на нанесена штета. Веќе на 18 декември 2018 година, или еден месец по раскинувањето на договорот со „Рубитон“, државната компанија склучува договор токму со „СВ Инвест“ за ископ на јаловина во откопното поле Б во рудникот Суводол во износ од 49 милиони денари. Но, овој договор не бил склучен во отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, поради т.н. крајна итност.

Во пријавата на „Рубитон“ до полицијата, која потоа била проследена до обвинителството, хронолошки е раскажан систематски притисок што се спроведувал врз сопствениците од компанијата. Покрај тоа, се споменуваат многу луѓе, телефонски повици, но и конкретни локации каде се остварувале средби. Според пријавителите, веднаш по склучувањето на договорот со ЕСМ во август 2018 година бил изготвен записник за вовед во работата, па „Рубитон“ поднел барање за влез на механизација во Суводол, односно до откопно поле Ц, за кое се однесува склучениот договор.

Меѓутоа, истиот ден кога било поднесено ова барање, еден од сопствениците на „Рубитон“, како што навел во пријавата до МВР, бил повикан од Ковачевски во битолскиот хотел „Епинал“. На оваа средба, како што тврди косопственикот на компанијата, тогашниот директор на РЕК Битола од нив побарал да отстапат 50 отсто од договорот на подизведувач. Веќе следниот ден, според пријавеното, Ковачевски од првите луѓе на „Рубитон“ побарал да отстапат 75 отсто од договорот или 3 четвртини од неговата вкупна вредност.

Сепак, тие тврдат дека барањата не сопреле тука, па на следната средба, одржана во едно битолско финансиско друштво, од нив било побарано да го отстапат цел договор во вредност од скоро 1,2 милиони евра. Наводно, Ковачевски побарал тоа да се изведе со изјава на нотар, а „Рубитон“ да добие 10.000 евра. Меѓутоа, сопствениците на компанијата, според нивниот исказ, чувствувале притисок и не сакале ниту да го извршат договорот ниту сакале да добијат 10.000 евра, туку побарале целосно да се поништи договорот.

Но, откако се консултирале со адвокат тие настапиле со став дека не постои правен модус да се поништи договорот. Тогаш, според нив, Ковачевски им посочил дека ако сакаат да работат според договорот треба да донесат 250.000 евра во готово. Тие ја одбиле и оваа понуда, па почнале да работат на терен, ама, како што нагласуваат, се соочувале со опструкции кои довеле до раскинување на договорот. Поради сето тоа, сопствениците на „Рубитон“ оствариле средба и со поранешниот менаџерски тим на ЕСМ на чело со тогашниот директор Драги Миновски, додека една година подоцна го пријавиле случајот во МВР.

По написот во „Фокус“, односно кон средината на 2021 година, овој случај го актуелизираше и актуелниот премиер и тогашен опозициски лидер Христијан Мицкоски, кој обвини дека во заднина стоел Вице Заев, брат на тогашниот премиер Зоран Заев. Според Мицкоски, Вице Заев изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола. Заев, пак, реагираше дека, како што рече, опседнатиот Мицкоски лажел и плус се заканувал преку познаници.

Вице Заев: Опседнатиот Мицкоски да престане да лаже и да се заканува преку познаници

Во следниот период, во серија текстови пишувавме и за споменатата „СВ Инвест“ на Стојан Чифлигароски, која почна да добива тендери за работа во РЕК Битола по доаѓањето на СДСМ на власт. Сепак, компанијата во меѓувреме падна во стечај и веќе не постои, а Чифлигароски е недостапен за органите, кои го бараат за случајот со финансиски и даночни измами со назив „Синџир“. Инаку, тој јавно се декларираше како пријател на Вице Заев.

ЛИНКОВИ:

АРХИВА Како „СВ-Инвест“ падна во стечај после соработка со РЕК Битола тешка 6 милиони евра?

Како тече стечајот на „СВ Инвест“, која се „прослави“ по тендерите од РЕК Битола?

Привршува стечајот за „СВ Инвест“, позната по тендерите од ЕСМ и опозициските обвинувања за блискост до власта!

Фамозната „СВ-Инвест“ формално згасна по 2-годишна стечајна постапка и 30 тендери вредни 6 милиони евра!

Згасна „СВ-Инвест“, воскресна „Новоматрикс“: Како фирма блиска на Чифлигароски „испреговара“ договор за РЕК Битола тежок над 2 милиони евра?

Фамозната „Новоматрикс“, поврзана со згаснатиот тендерџија „СВ-Инвест“ на Чифлигароски, должи 1,6 милиони евра кон државата!

Истрага за злосторничко здружување: Замрзнат е имотот на „Новоматрикс“, газдата е осомничен за даночно затајување!

(АРХИВА) Над 3 милиони евра од ЕСМ завршија во фирма блиска до пријател на Заеви, која била во сопственост на Камчеви!

 

Поврзани новости