Заедно со мојот тим ја подготвивме најдобрата програма за нашиот град, програма која гарантира развој, нови инвестиции, нови работни места како за младите, така и за невработените. Програма која гарантира нов импулс за силен развој на Велес, истакна кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на општина Велес Ненад Коциќ на вечерашниот митинг.
Тој наведе дека има подготвени проекти од областа на комуналната сфера, инфраструктурата, патната мрежа, заштитата на животната средина, младите, спортот, културата, забавата, развој на туризмот, странски инвестиции.
-Во наредниот период ќе извршиме реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, реконструкција на стадионот „Зоран Паунов“, изградба на затворен училишен базен, реконструкција на сите спортски игралишта, адреналински парк, лизгалиште. Нема да ги запоставиме руралните средини, со програмата „Развој на велешкото село“, предвидуваме подобрување на патната инфраструктура и осветлувањето, детски градинки во поголемите села, подобрување на пристапот до образование на децата од руралните средини, одржување на локални традиционални, културни манифестации, најави Коциќ.