Коцевски револтиран од одлуката на советниците да не се зголеми цената на водата: Сега Регулаторна може да ја поскапи повеќе

by fokus

Градоначалникот на Општина Велес Аце на денешната прес-конференција изрази револт кон Советот на Општината, па и кон некои советници од неговата коалиција кои на вчерашната седница гласале против, со што не била прифатена Одлуката на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“ за прифаќање на предложената тарифа за зголемување на цената на водата за пиење.

Коцевски оцени дека тие со своето неразумно однесување во опасност ја донеле општината и сите граѓани, предупредувајќи оти сега постои опасност Државната регулаторна комисија, што е независна од Владата, да наметнат регулирана цена што, како што појасни, е многу повисока од цената која требало да ја утврди Советот на предлог на УО на ЈКП „Дервен“.

– Јас се надевам дека Државната регулаторна комисија нема веднаш да ја примени таа мерка и дека на првата брза седница на Советот сепак советниците ќе ја донесат одлуката за покачување на цената на водата по овој предлог, истакна Коцевски.

Имено, предлогот на УО на ЈКП „Дервен“ беше сегашната цена за вода за пиење од 30,40 да се зголеми на 31,62 денари за метар кубен вода плус пет проценти за ДДВ. Истото зголемување се однесува и на цената на водата за пиење за училиштата и детските градинки.

Додека за правните лица беше предложено покачување од сегашните 60,25 на 63,05 денари за метар кубен вода плус пет проценти ДДВ, со што ќе се зголеми за 2,80 денари или 4,6 проценти.

Поврзани новости