Коцевски: Градоначалниците утре треба да ги напуштат општините

by Фокус

Сите градоначалници од утре не смеат ниту технички да ја вршат функцијата до изборот на нови градоначалници, туку треба веднаш да ги напуштат општините и да се вратат на старите работни места или да заминат под Агенцијата за вработување, вели во изјава за Фокус експертот за локална самоуправа Аце Коцевски.

-Кај локалната самоуправа не е ист случајот како со владата, која функционира технички се до изборот на нова. По завршувањето на нивниот мандат, престануваат сите обврски и овластувања на градоначалниците. Законски, градоначалникот ја претставува општината и го реализира буџетот, па по истекот на мандатот, општинската администрација самостојно нема да може да врши никакви исплати. Секоја нивна одлука од утре натаму не може да произведува правно дејство – објаснува Коцевски.

Тој додава оваа состојба со локалната самоуправа, што настана како резултат на политичката криза, мора да се реши само со законска интервенција што поскоро, бидејќи, според него, општините нема да може да сервисираат никакви услуги кон граѓаните, кои во ваква ситација нема да можат да наплатат средства за испорачани услуги и стоки, да добиваат градежни дозволи за да градат, да плаќаат даноци за да реализираат разни договори итн.

-Мора да се смени Изборниот законик, каде стои датумот кога се оддржуваат изборите, како што впрочем се случи годинава кога се продолжи мандатот на градоначалниците до 15 мај, но и во 2008 година, кога се продолжи мандатот на градоначалниците за 6 месеци. И сега може изборите да се закажат само со измена на овој закон со обично мнозинство, бидејќи веќе е воспоставена таква практика, но најдобро би било доколку има можност да се измени и двотретинскиот Закон за локална самоуправа, односно во делот каде се пропишува дека мандатот на градоначалниците и советниците трае 4 години да се додаде дека во одредени случаи тој се продолжува – посочува Коцевски, кој е поранешен градоначалник на Велес.

В.С.

Поврзани новости