Традиционалната манифестација ,,Питијада 2018” во Велес, годинава ќе се одржи од 19 – ти до 21 – ви октомври, а како главна мисија, покрај промовирањето на велешкиот специјалитет пастрмајлија и разни видови на вино, ќе биде и промоцијата и поддршката на домашната музика.
Поради тоа, од организацијата се одлучиле на настанот да поканат само домашни изведувачи, наместо како во изминатите години, звучни имиња од соседството, за чии хонорари се одвојуваа десетици илјади евра.
-Велес е градот на Кочо Рацин, и кога општината организира некоја манифестација, мора да се внимава на сите морални, естетски и културни аспекти. Немам јас лично ништо против Цеца, Аца Лукас, или било кој изведувач на турбо фолк музика, но ви ветувам дека додека сум градоначалник, овде нема да се финансираат турбо фолк ѕвезди. Годинава ангажиравме само наши, македонски изведувачи, имаме богата програма кој изнесува 24.323 евра за сите три вечери. Во минатото, лани на пример, за настапот на Здравко Чолиќ, со платен данок, исплатени беа 49.884 евра. Во изминатите години, за музички гости се исплатиле огромни суми. Бидејќи се работи за општински настапи и јавноста има право да знае каде се трошат парите од буџетот, дел од сумите се следниве, за Рибља чорба 7.713 евра, за Жељко Јоксимовиќ 29.774 евра, за Каролина 12.448 евра, за Парни Ваљак 28.856 евра, за Калиопи 5.650 евра, заедно со пресметан данок. Сметам дека во никој случај не смее да се продолжи со оваа практика, и мора да се внимава на секој денар. Ние годинава свртуваме нов лист – вели Коцевски.
Тој додава дека дел од сумата за музичката програма ќе биде покриена од спонзори. Исто така, вели дека сите кои сакаат да уживаат во манифестацијата се добредојдени и се надева како градот на Рацин ќе биде полн со посетители и без настапите на Цеца, Северина, Лукас…
-Не може да имаме асфалти со дупки, а да исплаќаме вртоглави суми на изведувачи, тоа едноставно не е човечки и хумано – тврди за ,,Фокус” Коцевски. З
дравко Чолиќ, Црвена јабука, Парни ваљак, Жељко Јоксимовиќ, Прљаво казалиште, Ван гог, Рибља чорба… се само дел од музичарите кои во изминативе години настапија пред посетителите, и чии високи хонорари беа актуелни во јавноста.
Минатата година, на пример, додека градоначалник на Велес беше Славчо Чадиев, главна музичка ѕвезда на настанот беше Здравко Чолиќ. Во разговор за ,,Фокус” тогашниот градоначалник откри дека хонорарот на Чолиќ изнесува 38 илјади евра, и ќе биде покриен од спонзори од бизнис секторот.
-Секоја година имаме анкети, во кои се нудат околу десеттина имиња на познати Балкански пејачи. Јавноста е таа која што одлучува кој да ни биде главна ѕвезда на питијадата. Годинава, изборот падна на Дино Мерлин, чиј настап чини 60.000 евра. Но тој немаше слободен термин, па затоа се решивме за второ пласираниот Чолиќ. Знам дека сумата од 38.000 евра звучи како превисока, но да ви кажам искрено, тоа е со попуст. Инаку, тој настапува за суми од 40 до 45 илјади евра, и покрај тоа што не се работи, на пример, за дочек на Нова година, туку за обичен датум – појасни тогаш Чадиев, додавајќи дека општината имала голем бенефит од гостувањето на странските музичари, бидејќи бројот на посетители бил доста голем.
Годинава, манифестацијата ќе започне со настапите на ,,Виртус”, потоа следуваат ,,Боеми” од Битола,,,Баклава”, Анета Мицевска и групата ,,Молика”, ,,Next Time”, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд. На вториот ден од питијадата ќе настапат ,,Велешка чалгија”, Нино Величковски и тамбурашите, Џамбо Агушев со неговиот оркестар, Кристина Арнаудова, Влатко Лозаноски – Лозано, Бени Шаќири и Нон-Стоп. Последната фестивалска вечер свои настапи ќе имаат Чалгија и ,,Распеани велешани”, Чалгија саунд систем, групата ,,Синтезис”, Ивона Јовановиќ, Александра Јанева, Слаткаристика и Дарио.
Вики Клинчарова