,,Да се биде јавен обвинител на Република Северна Македонија е одговорна
задача која бара познавање на состојбите и предизвиците со кои се соочува
обвинителството, искуство во кривичниот прогон, раководни и комуникациски
вештини, професионален авторитет и доверба кај колегите”.
Ова во својата програма го потенцира Љупчо Коцевски, кандидат за републички јавен обвинител. Неговиот избор е се поизвесен, бидејќи точката за избор на шеф на обвинителите е ставена на дневен ред во Собранието за седницата закажана за во среда.
-Искрено верувам дека можам да одговорам на предизвикот да го водам Јавното обвинителство, за што имам конкретна визија и план, но и решителност тие визии и планови да ги остварам.
Свесен сум дека ме очекуваат навистина големи предизвици: од успешно
спроведување на дигитализацијата, преку унапредување на условите и квалитетот на работењето, па се до етаблирање на обвинителството како орган на кој граѓаните ќе му веруваат и каде ќе се обратат за заштита на нивните права.
Доколку бидам избран на функцијата, посветено ќе работам со единствена
цел – градење на домашниот и меѓународниот кредибилитет на јавното
обвинителство како вистински партнер на институциите и на сите граѓани,
заштитник на сигурноста и на јавниот интерес, ефикасен борец против сите
облици на криминал, вели Коцевски.
Кандидатот за наследник на Љубомир Јовески ветува и дека посветено ќе се залага за бескомпромисен кривичен прогон на сите сторители на кривични дела.
Според него, важна алатка во борбата против криминалот и корупцијата се истражните центри.
-Јадрата кои треба да гарантираат
ефикасни предистражни и истражни
постапки се истражните центри во јавните
обвинителства. Идејата во однос на
истражните центри е тие да бидат брзи,
модерни, ефикасни и законити во
прибирањето на доказниот материјал со
цел во основа да се скратат
предистражните постапки и за брзо време
да се излезе на суд со прибраните докази
за да се врати довербата во системот на
кривично гонење, вели Коцевски.
Меѓу приоритетите ја истакнува конфискацијата.
-Конфискацијата на имот и барањата за определување на мерки за привремено
обезбедување на имот ќе бидат поставени како нов приоритет во кривичните постапки. Јавното обвинителство ќе се залага за уредување и олеснување
на законските процедури за конфискација на незаконски стекнатиот имот, истакнува обвинителот.
Тој најавува дека ќе се залага и за зајакнување на капацитетите за имплементацијата на стандардните оперативни процедури за водење финансиски истраги.
-Дополнително унапредување на законската
регулатива за финансиски истраги и проширена конфискација, во согласност
со европските стандарди, вели Коцевски.
Во среда се очекува пратениците да го изберат Коцевски за нов републички јавен обвинител, бидејќи веќе доби зелено светло и од Владата.
Валентина Вурмо