Ги повикуваме сите медиуми да се обратат до Владимир Тодоровиќ, претходниот градоначалник на Општината Центар за да појасни дали кога тој бил градоначалник било договорено Градот Скопје да ги обновува предните страни на фасадите од објектите во центарот, а Општината Центар да ги обнови задните страни од фасадите, за да се разреши оваа дилема, реагира кабинетот на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Претходно, актуелниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, изјави дека не важи устниот договор што Тодоровоиќ и Трајановски го направиле и дека таков дил на хартија нема.
– Господине Жерновски, Градот Скопје ги има почнато и во најголем дел завршено сите законски постапки што се потребни за реконструкција на фасадите на објектите во строгиот центар на градот почитувајќи ги принципите на енергетска ефикасност, направени се проектите, направена е ревизија на тие проекти, обезбедени се финансиски средства за реконструкција на фасадите и спроведени се јавни набавки за избор на изведувач. Прашањето што сакаме да Ви го поставиме е – Што од овие постапки има завршено општината Центар па што со толкава одлучност сака да реконструира фасади нао бјектите во строгиот центар? Ако навистина имате желба да направите нешто во општината тоа може да го сторите, зашто на подрачјето на општината Центар има голем број нерешени проблеми што се во надлежност на Општината Центар. Но, едно е јасно, Општината Центар не почнува со Вас – коментираат од градската администрација.
Целата расправија меѓу Трајановски и Жерновски настана откако станарите на една од зградите на улица „Македонија“ јавно го обвинија скопскиот градоначалник за суптилен притисок да прифатат Градот Скопје да им ја реновира фасадата.