Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар ги живее најтешките денови од своето постоење. Се најавуваа еден куп на инвеститори, но никој се уште официјално не застанал зад Вардар.
Голем дел од играчите си заминаа, па така тренерот Грнчаров ќе мора да „крпи“ како знае и умее за пролетниот дел од сезоната во ВМФЛ.
Некогашниот претседател на клубот и екс-градоначалник на Скопје, Трифун Костовски во изјава за „Фокус“ даде свој коментар околу случувањата во Вардар.
Како што вели тој, жално е тоа што се случува со Вардар во ова поново време, ако се знае дека во минатото Вардар важел за сериозен фудбалски гигант на ниво на поранешна Југославија.
„Жално е што денес Вардар се натпреварува во Втора лига, ама уште пожално е што овој клуб кој зад себе има оставено длабоки траги во меморијата на нас, граѓаните на Република Македонија, е во ситуација да не може да се бори за влез во Првата лига. Генерално недостасуваат финансии. Генезата за ваквата состојба е многу подлабока. Во годините на реструктуирање на спортот во Република Македонија, ФК Вардар не најде вистински спонзор кој во целост ќе го носи овој клуб“, вели Костовски.
Според него, клубот треба да се води со знаење и љубов, а тој смета дека постои само еден излез за ситуацијата во која е Вардар.
„Судбината на Вардар денес ја читам како старата мудрост „многу баби, дете килаво“. Клубот треба да се води со знаење и љубов. Излез од денешнава состојба на Вардар , ја гледам само со преземање на овој фудбалски клуб од страна на Градот Скопје. Ваков беше примерот на град Загреб со нивниот Фудбалски клуб Динамо, во времето на мојот мандат како градоначалник на Град Скопје во периодот од 2005-2009 година. Господинот Бандиќ, тогашен градоначалник на Загреб за Динамо одвојуваше на годишно ниво по 12 милиони евра. Очигледно, загребски Динамо денес е високо етаблиран во табелата на успешни фудбалски клубови во Европа, а фудбалерите испаднати од овој клуб станаа врвни светски играчи, примерот со Лука Модриќ и многу други“, додава тој.
Градот Скопје мора посериозно да се заангажира околу Вардар и само со паметно работење ќе се привлечат странски инвеститори.
„Вардар не смее да живее и функционира од еднократна помош, туку мора да обезбеди извор на финансии во континуитет. Силен финансиер во моментов е императив. Нивото на македонскиот фудбал и стопанство во целост, не даваат изгледи дека ќе се појават инвеститори од странство, бидејќи за такво нешто се потребни резултати на сите полиња во фудбалот. Од тие причини градот Скопје треба да го преземе и да го контролира севкупното работење во период од минимум 10 години. Ваквиот пример за влегување на општините во структурата на спортските клубови треба да биде пракса не само во фудбалот, туку во сите спортови кои се практикуваат во самата општина. Фудбалот како водечки тимски спорт во Република Македонија, ќе добие на значење кога ќе имаме силен фудбал во сите натпреварувања на овој спорт. Само така ќе го привлечеме странскиот инвеститор да инвестира во македонскиот фудбал со целосна изградба на инфраструктурни објекти како мини стадиони, игралишта, теретани, хотели, ресторани, кафетерии“, го заврши разговорот Костовски.
Јорданчо Цветаноски