Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека секој обид да се прескокне потписот на претседателот Ѓорге Иванов во врска со законот за употребата на јазиците ќе биде нелегален. Според него, собранискиот спикер не може да го заменува шефот на државата во услови кога тој во целост ја извршува својата функција. Тој како доказ за тоа ја посочи одлуката на Уставниот суд од 1998 година, кога имало ваков обид по повод законот за знамиња на националностите.
-Тогашниот спикер Тито Петковски тогаш се потпишал на указот на местото на претседателот Киро Глигоров кој бил на службено патување, а по ова Законот за знамиња бил објавен во службен весник со два потписа од тогашниот собраниски спикер. Година дена подоцна, Уставниот суд одлучил дека законот е неуставен, а уште побитно како неуставна ја оценил и постапката на Петковски за потпишување на указот, бидејќи на претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши – рече Костовски.