Костовски до Ковачевски – Еуростандард банка извештајот е готов

by fokus

пишува: Трифун Костовски

Во колумните во изминатиот период таксативно ги наведував сите пропусти кои ги имаат направено државните институции: Народна банка, финансиската полиција, стечајниот судија, обвинителството, стечајните управници Тодески и Саздовски и Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски.

Истрагата за стечајот на Еуростандард банка,финансирана од моја страна, а направена од експерти за банкарски криминал е готова.

Оверена од еминентна ревизорска куќа во чија веродостојност не треба да се сомнева во ниту еден момент. Извештајот е многу сериозен по севкупниот банкарски систем во Македонија кој индиректно може да донесе хаос во целото македонско стопанство.

Сакам да ме разберете дека не сум човек кој што сака да создава хаотични ситуации и од таа причина веќе континуирано во изминатите два месеца тимот на истражители на овој извештај бара директна средба со Премиерот Ковачевски со цел да прво тој се спознае со можните последици од објавувањето на овој извештај.

ИЗВЕШТАЈОТ МОЖЕ ДА НАПРАВИ ХАОС

За жал молкот од Премиерот Ковачевски и понатаму царува, иако и самиот е свесен дека овој извештај може да биде погубен за Р. Македонија.

Извештајот нема да го објавам пред годишните одмори од причина што се поканети еминентни експерти од ЕУ да бидат презентери на истиот и во дадениов момент не успеавме да ги договориме временските рамки за нивно присуство.

Фрапантноста на извештајот е толку голема за Р. Македонија што и самиот се ставам во ситуација да размислам дали воопшто да го објавам бидејќи пред аргументите кои ќе бидат изнесени нема сила, читајте државна институција да молчи и да не реагира по истиот со можни мошне лоши консеквенци за Македонија.

Со извештајот делумно се запознати одредени амбасади во Р. Македонија кои плашејќи се од можните последици ме упатуваат на мудрост.

Се сметам себеси за мудар патриот, меѓутоа сум свесен дека нештата во Р. Македонија мора да се променат од корен доколку сакаме државата, а со неа и нејзините граѓани да имаат подобра перспектива. Спечалив надвор од Македонија, а спечаленото го изгубив во Македонија.

Револтот што сум ограбен во мојата Македонија е уште посилен и до последен момент ќе се трудам виновниците да ги изведам пред лицето на правдата , а на мојата Македонија да и помогнам во рамките на моите можности.

КОВАЧЕВСКИ ДА НЕ МОЛЧИ

Упатувам порака до Премиерот Ковачевски и до сите државни институции кои се занимаваат со прогон на организиран криминал, да не молчат, туку да прифатат средба со тимот на експерти, предводен од Драго Кос за изнаоѓање најбезболно решение за овој многу длабоко вкоренет организиран криминал во Р. Македонија.

Почитувани читатели, нема да отстапам од мојата агенда за вистината околу стечајот на Еуростандард банка.

На многумина од вас можеби сум и досаден, меѓутоа јас ќе продолжам и понатаму да пишувам токму за овој злостор, а вие размислете зошто имам толку силен порив да дојдам до вистината за Еростандард банка.

Ниту во сон не сум помислил да со грин-филд инвестиција отворам моја банка со цел да го ограбувам мојот коминтент. Со еден збор, јас не сум таков човек.

ПОРАКА И ДО ПЕНДАРОВСКИ

Почитувани читатели во изминатите 22 месеци, секојдневно по неколку пати си ги поставував прашањата: Зошто ова мене ми се случи?

Зошто јас и моето семејство станавме плен на луѓето задоени со криминал? Зошто институциите на системот, кои се должни по закон да ми ја гарантираат слободата и чуваат капиталот, тоа не го направија?

Институциите на системот кои треба да ми ја гарантираат слободата и да ми го штитат капиталот како полиција, обвинителство, судство , џелатот Народна банка и Техничката Влада на Оливер Спасовски, беа соучесници или логистика во грабежот креиран од група на поединци и банки за мое уништување.

П.С. Упатувам порака до Претседателот на Р. Македонија  Пендаровски да не  молчи за овој случај, под изговор дека нема ингиренции.

 

Поврзани новости