Враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и во правната држава е приоритет за новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој најави засилен судски активизам и оживување на атрофираната функција на судот за поведување постапки по сопствена иницијатива, како и пренесување во живо на седниците на Уставниот суд.
Како што нагласи, за остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори односно предизвици.
„Прв е бескомпромисноста во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Уставниот суд. Втор ќе биде мојата бескомпромисност во обидите за какви било политички или од каква било друга природа влијанија врз судот или врз уставните судии. Уставната и правната култура ќе биде високо на мојата агенда. Судскиот активизам, односно оживување на една наша атрофирана функција, поведување постапки на сопствена иницијатива, исто така ќе биде високо на мојата агенда. Транспарентноста и отвореноста на судот кон јавноста ќе продолжи и она што планирам да го направам во мојот мандат ќе биде поинтензивна соработка и поголема присутност на науката во Уставниот суд“ рече Костадиновски.
Од донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија, во 1991 година, Уставниот суд е најнереформираната институција во системот во поглед на правната рамка од каде ги црпи надлежностите.
„Се поставува прашањето дали ваквата статус кво во поглед на правната рамка е добра и кому му одговара да продолжи. Тука се надоврзува и прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Во таа смисла во наредниот период со сите релевантни фактори во општеството ќе разговарам за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување уставен основ за донесување закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд. И тоа не каков било закон, моето инсистирање е да биде системски закон затоа што тоа е начинот на кој ќе се гарантираат самостојноста и независноста на Уставниот суд“, рече тој.
Најави дека ќе продолжи со настојувањето на сите негови претходници за зголемување на обемот на заштита на слободите и правата на граѓаните и воведување на уставната тужба и уставната жалба, но повика и граѓаните да го почитуваат и штитат Уставот.
Според него, исполнети се условите за зголемен судски активизам со оглед дека судот е комплетиран.