Костадинов: Ние сме против какви било дополнителни бенефиции за пратениците

by fokus

Официјален предлог за дополнување на Законот за пратеници сѐ уште нема во собраниска процедура, рече портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов во гостувањето на 1ТВ и додава дека за тоа дознале од медиумите. Во врска со бенефициите за пратениците по истекот на мандатот и можноста да останат во јавната администрација, како што објаснува, ставот на партијата е дека не се прифатливи дополнителни привилегии за пратениците.

-Ние сме апсолутно против какви било дополнителни бенефиции или привилегии за нас како пратеници. Она што го тврдиме и за што работиме е бенефиции исклучиво за граѓаните, но не и за нас, кои треба да им служиме на граѓаните, вели Костадинов и додава дека доколку предлогот стане официјален, од неговата партија ќе го отфрлат.

За досегашните привилегии на пратениците, како патните трошоци, тој вели дека има промени, но методологијата останува додека не се најде подобра. За пратеничката плата што и натаму ја зема побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски, објаснува дека за сега нема правен начин да му се укине, туку само да му се намалува по 5% поради неприсуство на седниците.

Поврзани новости