Општина Валандово се подготвува за традиционалниот фестивал на новокомпонирани фолк песни „Фолк фест Валандово,” кој ќе одржи од 26-ти до 28-ми мај. И годинава е најавена богата забавна програма, со многу музички гости во текот на тридневната програма.
На 26-ти мај на валандовскиот плоштад ќе настапат Распеани валандовчани, Јоце Панов и Жељко Самарџиќ, додека пак наредната вечер на плоштадот настапи ќе имаат Ефто Пупиновски, Ана Бекута и Куку Леле.
Натпреварувачката вечер ќе се одржи на 28-ми мај во фестивалската сала „Јанко Узунов”.
Од минатата година, по иницијатива на градоначалникот Перо Костадинов фестивалот има нов концепт, односно првите две вечери се одржуваат на отворено и не се од натпреварувачки карактер. Оваа промена лани беше дочекана со позитивни критики од страна на валандовчани, но и од многубројните гости од страна, а градот наликуваше како филмска сцена со серенади на отворено.
– Одлична идеја која го заживеа и го раздвижи градот, коментираа валандовчани на преполниот плоштад, каде локалните кафулиња поставија маси на кои се служеше пијалок, а гостите уживаа во музичките изведби.
„Валандово фолк фест”, за првпат се одржа во 1985 година и стана препознатлив симбол на градот. Токму од овој фестивал голем број на музички ѕвезди ја започнаа својата кариера и оставија ризница од фолк евергрини кои и денес се слушаат.
Вики Клинчарова