Портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов, денеска објави нови инкриминирачки податоци за врвот на ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера изјави дека бизнис партнер на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, му е Димитар Димовски, член на извршниот комитет на партијата и поранешна десна рака на екс министерот, Миле Јанакиески.
Според Костадинов, Димовски му е сосед на Јанакиески во Берово, каде имаат големи парцели, кои претходно биле во сопственост на државата.
„Дали молкот на антизападниот Мицкоски се обид да ги сокрие врските со Миле Јанакиески? Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ има земјиште од над 14 илјади квадратни метри во општина Берово. Прв сосед на Димовски е токму Миле Јанакиески кој има парцела од над 16 илјади метри квадратни. Двете парцели, од вкупно 30 илјади квадратни метри порано биле сопственост на Република Македонија“, изјави Костадинов.
Како што рече тој, ова е уште една силна причина останатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на процесите кои обезбедуваат членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
„Спрегата помеѓу Груевски и неговиот соработник Јанакиески со актуелното антизападно раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од антинародниот Христијан Мицкоски е потврдена. Заглавени во сопствената изолација, ова антизападно раководство ја има истата криминална матрица на Груевски. Во ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема никакви промени“, додаде тој.