Се зголеми бројот на терористи убиени од косовската полиција за време на антитерористичката акција кај Бањскиот манастир во Звечан.
Косовската полиција објави дека било најдено уште едно, четврто тело во близина на манастирот.
Двајца ранети терористи се згрижени во косовските болници, додека министерот за внатрешни работи Свечља изјави дека уште шестмина други се во болница во Нови Пазар. Тој ги повика српските власти да им ги предадат терористите на институциите за спроведување на законот на Косово.
„Според досегашните информации, 6 ранети терористи се згрижени во болницата во Нови Пазар и бараме Србија веднаш да им ги предаде на косовските власти за да одговараат пред правдата за нивните терористички акти. Исто така, секој друг член кој успеал да побегне во Србија, бараме од Србија да го предаде“, рече Џељал Свечља, министер за внатрешни работи на Косово.
Билансот на запленетиот арсенал вклучува 24 автомобили, оклопно возило, ракетни фрлачи, автоматски пушки, беспилотни летала, муниција и воена облека.