Косово обвини 35 српски офицери за убиените цивили при нападот врз Адем Јашари

by vlatko 18:29
18:29

Косовското Специјално обвинителство поднесе обвинение против 35 поранешни припадници на командните структури на српската полиција за воени злосторства извршени во селото Преказе во март 1998 година, за време на операцијата во која беше убиен еден од најпознатите команданти на ОВК, Адем Јашари.

Обвинението се однесува на убиствата на цивили во населбата и семејниот комплекс на Јашари, а не на самото негово убиство како вооружен командант. Според косовското обвинителство, обвинетите учествувале во планирањето, координирањето или раководењето со полициската операција.

Нападот врз комплексот на семејството Јашари во Преказe траел од 5 до 7 март 1998 година. Во објектот се наоѓале Јашари и други вооружени припадници на ОВК, но и голем број членови на поширокото семејство, меѓу кои жени, деца и стари луѓе.

Во операцијата загинале 58 луѓе, меѓу кои и десет деца. Независни организации за човекови права подоцна утврдија дека српските сили употребиле тешко оружје и оклопни возила при нападот врз комплексот.

Српската полиција и претходно, во јануари 1998 го нападнала комплексот на Јашари, а тој и вооружени припадници на ОВК останале во семејната куќа и оттаму давале вооружен отпор, и покрај тоа што во него се наоѓале и голем број жени и деца, а нов напад од српските сили бил очекуван. Со тоа, цивилните членови на семејството биле изложени на непосредна опасност во текот на вооружениот судир.

Косовското обвинителство, сепак, сега ја издвојува можната кривична одговорност за убиствата на цивилите и тврди дека станува збор за воено злосторство извршени во рамките на операцијата.

Адем Јашари по војната стана една од централните фигури во косовскиот национален наратив и во земјата се смета за еден од основачите и симболите на ОВК.

Слични вести