Денешната одлука на Владата на Косово „да ги отвори државните граници на Република Косово со Македонија, Албанија и Србија“ се однесува на олеснување на одредени царински процедури со тие три земји и не значи дека се укинува обврската за приложување ПЦР-тест за македонските граѓани при влез во земјата, изјави за МИА членот на косовската Влада, Халил Матоши.
-Оваа одлука се однесува единствено на отворањето на одредени гранични премини со тие земји, со цел да се олесни движењето на граѓаните, но тоа не значи дека се укинати досегашните мерки и протоколи против пандемијата на Ковид-19. Значи, остануваат на сила сите мерки кои Владата ги има усвоено порано, а кои се однесува на влегувањето во земјата на граѓаните од странство – појасни Матоши
Во соопштението по денешната владина седница беше наведено дека е донесена одлука „да се отворат државните граници на Република Косово“ кон Македонија, Албанија и Србија, што, според дел од приштинските медиуми, значеше дека граѓаните на трите соседни држави нема да имаат потреба да приложуваат тест со кој ќе докажат дека не се заболени од Ковид-19.