Косово и Србија постигнаа договор за регистарските таблички

by Фокус

Србија и Косово договорија чекори за смирување на спорот околу регистарските таблички, кој се закануваше дека ќе прерасне во конфликт.

„Имаме договор“, објави еврокомесарот за надворешна политика Хосеп Борел на Твитер.

Според договореното, Србија ќе престане да издава таблички со имињата на косовските градови, додека Косово се откажа од казнувањето и нема да бара пререгистрација на возилата со српски таблички.

Во понеделникот, ЕУ изрази голема загриженост откако косовскиот премиер Албин Курти одби да го прифати предложениот договор.

Сепак, Приштина се врати на преговарачката маса на барање на клучниот сојузник САД, а новиот договор е речиси идентичен со она што ЕУ го понуди во почетокот на неделата.

Косовските власти бараа од етничките Срби да ги предадат табличките издадени од Србија, најавувајќи дека ќе бидат казнети со 150 евра ако не го направат тоа.

Поради ова, Србите во знак на протест се повлекоа од сите косовски државни институции, вклучувајќи ја и полицијата.

Поврзани новости