Косово денеска избира градоначалници во 21 општина

by Fokus

Во Косово денеска се одржува прегласувањето за локалните избори 2021, на кои ќе се избираат градоначалници во 21 од вкупно 38 локални административни единици, на колку што е поделено Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во првиот круг, на 17 октомври, убедлива победа извојува партијата на косовските Срби, Српска Листа, која ги доби сите девет општини со мнозинско српско население во Косово. Во четири општини победија кандидатите на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), а уште по две општини во наредниот мандат ќе ги водат градоначалници од другите две парламентарни опозициски партии – Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК).

Владејачката Движење самоопределување (ВВ), која на почетокот на годинава, со освоени околу 51 отсто од гласовите, убедливо победи на парламентарните избори, во првиот круг градоначалнички избори, за многумина изненадувачки, не успеа да победи во ниедна општина. Во вториот круг партијата на премиерот Албин Курти ќе се натпреварува со 12 кандидати, ЛДК со девет, ПДК со осум, додека ААК со пет. Вонпарламентарната Социјалдемократска иницијатива (Нисма) ќе има еден кандидат во прегласувањето.

Поголеми општини во кои денеска ќе се гласа за нов градоначалник се престолнината Приштина, каде се ќе се соочат кандидатот на ВВ, доскорешниот министер за здравство Арбен Витиа, и оној на ЛДК, архитектот Прпарим Рама, потоа Призрен (дуел меѓу кандидатите на ВВ и ПДК), Ѓаковица (ВВ наспроти ААК) и Гњилане и Подујево (ВВ наспроти ЛДК).

За разлика од првиот круг, за кој кампањата траеше 30 дена, за прегласувањето партиите за претставување на нивните програми имаа на располагање само пет дена, а изборниот молк започна во петокот на полноќ.

Според набљудувачите, и во овој, како и во првиот круг, кампањата помина во прилично демократска атмосфера, но има забелешки дека на партиските собири не се почитувале протоколите за заштита од ширењето на пандемијата на Ковид-19.

Медиумите и опозицијата забележуваат и за прекршување на изборниот молк од страна на премиерот и лидер на ВВ, Курти, кој вчера прошета низ улиците на Подујево заедно со кандидатот за градоначалник и поголем број приврзаници од неговата партија.

За денешното гласање во Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово се акредитирани 10.510 набљудувачи, од кои 9.287 се од политичките партии, 577 од домашните и 30 од странските медиуми, 50 од дипломатските мисии, 319 од домашните и 178 од срански невладини организации и 69 од институцијата Народен правобранител. Од ЦИК информираа дека за вториот круг не се пријавил ниеден заинтересиран набљудувач од соседните држави.

Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот.

Овие се четврти локални избори во Косово од прогласувањето на независноста на државата на 17 февруари 2008 година.

Поврзани новости