Ќосето нема никаква врска со Центар, Арсовска да го испрати барањето до Собрание, вели Герасимовски

by fokus

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски ја упати градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, барањето за враќањето на споменикот на Андон Лазов – Ќосев пред комплексот судови, да го упати до Собранието, како институција надлежна за подигнување на спомениците.

Откако Град Скопје во петокот поднесе барање за враќање на споменикот до општина Центар, а Центар експресно го одби, Герасимовски вели дека Центар нема никаква врска со Ќосето.

-На погрешна адреса е испратено барањето. Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму, ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. Што се однесува до самиот споменик, во минатото институциите утврдија бројни законски прекршувања при поставувањето на истиот, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја. Верувам дека институциите во однос на овој случај ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото истиот предизвика многу контроверзии, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Општина Центар во петокот испрати одговор до градот во однос на барањето, во кој стои дека општината нема надлежност во овој дел.

-Согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието на Република Северна Македонија, додека општините можат да подигнуваат спомен обележја само за личности и настани од локално значење.

Согласно членовите 3 и 5 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја, е дефинирано дека Настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Северна Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата, се во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, се вели во одговорот што го испратила општина Центар.

Споменикот на Ќосето беше отстранет во февруари 2018 година додека градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов. Според кабинетот на Шилегов, споменикот беше отстранет бидејќи бил дивоградба.

 

Поврзани новости