Косана до Стефан Богоев: Богац, ти честитам, ама и ќе ти дишам во врат!

by fokus

Поранешната пратеничка од ВМРО ДПМНЕ, Косана Мазнева ја изненади јавноста со својата отворена порака до Стефан Богоев, новиот градоначалник на Општина Карпош.

Таа му ја честиташе победата на изборите и го предупреди дека ќе му диши во врат за време на целиот мандат.

,,Богац, ти ја честитам победата во Карпош и воедно ти посакувам многу успех во следниот 4 годишен период. Она што досега го сработи твојот противкандидат и претходен градоначалник Јакимовски, ќе признаеш дека не е за потценување. Бројни изреализирани проекти, добра стартна позиција за понатамошно надградување на општината. За волја на вистината имаше и кардинални грешки од доменот на градежната експанзија (мафијашка или не, за тоа ќе се изјаснат институциите задолжени за тоа), несредена канализациона мрежа, врвна нехигена, висок степен на загадување на воздухот, сообраќаен метеж низ маалата, зголемена бучава, малку средени зелени површини, несреден кеј на реката Вардар, разно разни сомнителни ДУПОВИ. . .

Жителите на Карпош знаат што им е потребно и немој да си помислил ниту во еден момент да ги потцениш или да се подигруваш со нивната судбина. Не ветувај она што не можеш да го оствариш и држи се до програмата. . . не ти е лоша!

Како и да е, Стевчо беше казнет уште во првиот круг, а сега ти си тој кој што за сработеното ќе ја понесе главната одговорност пред граѓаните на Општина Карпош . Ја имаш целосната поддршка за тоа. И покрај тоа што си млад, ќе мора да прифатиш дека ќе бидеш изложен на постојан граѓански мониторинг како и на мој личен. Јавно и најтранспарентно ќе ги подржувам добрите општински политики , но исто така ќе бидеш безмилосно критикуван за сите евентуални пропусти. Верувај дека во врат ќе ти дишам јас лично, советниците на ВМРО ДПМНЕ, ГРОМ , а богами и советникот од Левица не верувам дека ќе го преспие мандатот.

Богац, цела власт е во Ваши раце, законодавна, извршна, локална, фати си го Шилегов под мишка прошетај го низ Карпош, па и тој нека си ги засука ракавите и нека си ги сработи обврските согласно неговите надлежности (а не се малку) во мојата,твојата, нашата општина’’ – порача Косана.

Нејзината порака и желби за успех на Богоев наидоа на бројни коментари на социјалните мрежи, на кои таа појаснува дека му посакува успех од себични причини, односно поради неа, нејзните деца, но и поради децата на соседите и пријателите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости