Корона вирусот забрзано се шири во Неготино

by fokus

Жена од Неготино на возраст од 67 години, позитивна на Ковид-19 почина на Инфективна клиника во Скопје, а до 13 часот се пристигнати 19 позитивни резултати, известуваат од ЦЈЗ Кавадарци. Уште резултати од земени брисови се очекуваат во тек на денот.

Корона вирусот забрзано се шири во Неготино. Вчера имаше рекордни 29 инфицирани лица, а бројот на активни случаи до вчера изнесуваше 274.
Во градот се чувствува стравот од вирусот, и се поретки се сликите на граѓани кои без маски, или пак со маските под брада имаа навика да влегуваат во маркети и други јавни простории. Зголемено е и движењето на возилата на итната медицинска помош, како и на полицијата која патролира и проверува дали граѓаните на кои им е одредена изолација, ја почитуваат истата.

-Многу бев гласен на социјалните мрежи и коментирав дека вирусот не е ништо друго, туку обичен грип, ама откако ми се случи блиски членови на семејството да се инфицираат, комплетно го променив мислењето. Поминавме неколку недели под невиден стрес, додека траеше лекувањето, за жал, некогаш мора на своја кожа да почувствуваме, па да се солидаризираме со останатите и да сфатиме дека ова не било завера, туку страшна реалност – вели неготинчанец, кому четири членови од фамилијата му се инфицирале со Ковид-19.

На штета на заедницата и колективното здравје одеа и тврдењата на позитивни граѓани, кои беа асимптоматски случаи, а кои коментираа дека се е лага, и како поради обична настинка биле принудени да седат со недели во домашна изолација. Игнорирајќи ги апелите на здравствените власти, дека асимптоматските случаи подеднакво придонесуваат за ширењето на вирусот, многу од нив одбиваат да го прифатат фактот, дека сепак, и покрај благите симптоми, биле инфицирани со Ковид-19.

Од почетокот на пандемијата, според вчерашните податоци од МЗ, во Неготино се заразија 429 лица.

Денес има нови случаи и во Демир Капија, се работи за пет лица на возраст од 31 до 75 години. Во Неготино пак, новите регистрирани случаи се на возраст од 29 до 72 години.
И во Кавадарци има 19 нови случаи на Ковид-19, лица на возраст од 27 до 74 години. Помеѓу нив има еден здравствен работник.

Вики Клинчарова

Поврзани новости