Во Свети Николе се зголемува бројот на заразени со корона вирусот. На денешната седница на Општинскиот кризен штаб, градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски ги повика надлежните инспекторати и институции да излезат на терен во фабриките и да видат дали се почитуваат протоколите при превоз на работниците во светиниколските и штипски фабрики.
Во Свети Николе вкупно 50 лица се заболени од корона вирусот, а 75 лица се наоѓаат во самоизолација по основ на контакт со заболени лица.
-Ситуацијата е посебно алармантна во конфекцијата „Мода АД“- Свети Николе каде бројот на заболение од корона вирусот се зголемува. Од страна на менаџментот не информираа дека во текот на вчерашниот ден во приватна клиника се тестирани вкупно 209 вработени, чии резултати ги очекуваме во текот на денешниот и утрешниот ден, вели Велковски.
Забележува дека и официјално се обратиле и до Кризниот штаб на РСМ, Министерството за здравство , Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје Велес, како надележни институции, со цел превземање на сите мерки за спречување на натамошно ширење на вирусот во нашата општина.
-Очекуваме од страна на надлежните институции и менаџментот на фабриката под итно да ги превземат сите неопходни мерки, бидејќи здравјето на граѓаните е најважно од се.Од страна на Кризниот штаб, повторно се активирани волонтерите за достава на неопходни прехрамбени продукти и лекови на лицата што се заболени и во самоизолација, вели Велковски.
Апелира до сите граѓани, да се придржуваат на мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата во носење на заштитни маски и држење на дистанца. МИА