Повици за масовни посети на светите храмови, пропаганда против носењето на заштитни маски, ширење на шпекулации дека вирусот не се пренесува во храмовите, и низа на прекршоци кога е заштитата на јавното здравје во прашање од страна на црковни лица, го обележаа почетокот на пандемијата со Ковид-19.
Сепак, дека ниту свештениците, ниту пак верниците не се поштедени од вирусот и истите се еднакво подложни на него, покажаа последните случувања, кога се зголеми бројот на инфицирани дури и во највисоките црковни редови. На 22-ри октомври пристигна веста дека јеромонахот Прохор од Цетинскиот манастир, кој е во интеграции на СПЦ починал од последици на на корона вирус.
Отец Прохор Јосифов, по потекло од Кочани, имаше 43 години кога ја изгуби битката со болеста, а како што пренесоа од Црногорско-приморската митрополија, починал по кратко и тешко боледување предизивикано од инфекција на вирусот. Само осум дена по неговата смрт, на 30-ти октомври, почина и Црногорско-приморскиот митрополит Амфилохије, за кого уште на 6-ти октомври беше утврдено дека е позитивен на Ковид-19.
Тој беше погребан по сопствено барање во криптата на Соборниот храм во Подгорица, но и покрај сите предупредувања на здравствените власти, како и јасната порака од Институтот за јавно здравје на Црна Гора, дека секој масовен собир и непочитување на мерките ја прави секоја тешка состојба уште потешка, голем број на свештеници и верници останаа глуви на предупредувањата.
Долги колони од верници без маска, без никаква дистанца, го бакнуваа неговото тело во Храмот на Христовото воскресение во Подгорица, игнорирајќи го фактот дека свештеникот бил позитивен на вирусот и свесно ставајќи го јавното здравје на огромен ризик. Не требаше да помине долго време, за да се испостави дека апелите и предупредувањата на здравствените власти не беа беспредметни. Веќе на четврти ноември пристигна веста дека позитивен на вирусот е српскиот Патријах Иринеј, кој иако бил во добра здравствена состојба, сепак бил хоспитализиран во Ковид болницата во Белград. Тој беше еден од многуте свештеници кои присуствуваа на погребот на Амфилохије.
Вчера беше потврдено дека уште еден владика на СПЦ кој беше присутен на погребот е позитивен на вирусот. Станува збор за Епископот будимско – никшички Јоаникиј, кој по смртта на Амфилохије е и Администратор на Црногорско- приморската Митрополија. Околу тоа дали и колку од верниците кои беа присутни на погребот, се инфицирани од вирусот, нема информации. Како во соседството, така и кај нас, уште на почетокот на пандемијата во центарот на вниманието се најдоа повиците од свештеници од Повардаската епархија, кога и покрај сите владини препораки ги повикуваа верниците да одат во храмовите, да се причестуваат, но и да ги примаат свештениците дома.
Митрополитот Агатангел со послание до верниците преку официјалната страница на Повардарската епархија кон крајот на месец март ги уверуваше верниците дека сите тешки болести за кои немало лек, по причестувањето исчезнувале како со рака однесени, и апелираше да не се плашат да ги целуваат иконите и да примаат свештеници дома. При тоа, тој порача дека поради лошо здравје, самиот нема да биде присутен во храмовите. Во тој период пак, свештеници од Кавадарци, Неготино, Велес и Гевгелија, качени во отворени возила, со света вода ги прскаа улиците, и читаа молитви за да престане глобалната пандемија.
Во месец јуни, за време на верскиот празник Духовденска Задушница, додека во сила беше забраната за групирање на територијата на целата држава, забраната за движење на населението во одредени временски периоди и забраната за пристап до гробишта, тој повторно ги повика верниците во храмовите, по што Обвинителството отвори предмет за неговиот повик. Дека и нашите свештеници се на удар на корона вирусот, укажува и случајот со свештеник од Богомила, кој на 58-годишна возраст ја изгуби битката со Ковид-19. Тој бил свештеник во Повардарска Епархија од МПЦ-ОА, а почина на 26-ти октомври на Инфективното одделение во велешката болница, каде бил хоспитализиран од 22-ри октомври, со позитивен Ковид-19 тест, и бил на кислородна поддршка од самиот прием во болницата.
Тој беше 24-та жртва на вирусот од велешко, а од болницата не открија дали имал контакт со верниците и со останати свештеници. Тогаш, од Повардарска епархија излегоа со соопштение дека вирусот зема се поголем замав, и многу луѓе не успеале да се изборат со него. Повикаа на Света Божествена Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес на која ќе ја донеселе чудотворната икона на Царицата Небесна, Богородица – Согленска од манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во село Согле, за која се врзувале голем број чудеса.
-Ќе направиме Литија околу црквата, која ќе ја предводи Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а потоа пред неа, сите заедно ќе се помолиме на докторот над докторите, нашиот Спасител и Бог, Господ Исус Христос да го заштити целиот Македонски род и целиот свет во овие тешки мигови- соопштија од епархијата по смртта на свештеникот.
Но, и покрај овие загрижувачки податоци за починати и инфицирани свештеници, останува ставот против носење на заштитна маска на голем број на свештени лица за време на богослужбите, што може да се забележи и на многу фотографии и видео снимки од настани во храмовите. Сепак, и покрај нивниот пркос, вирусот покажа дека нема исклучоци и влезе и во храмовите, каде почитувањето на мерките не смее да биде исклучок.
Вики Клинчарова