Препораките за корона вирусот го одложија денешното судењето за изборни нерегуларности „Титаник“, бидејќи еден од обвинетите ги користи мерките од Владата за справување со вирусот.
Наредното рочиште е закажано за 25 март.
На денешното рочиште требаше да бидат сослушани петмина сведоци, кои се повикани за следното рочиште.
Обвинетиот Станко Коруновски на 13 март доставил поднесок до Судот со кое го известува дека ја користи мерката донесена од Владата на РМ за отсуство како родител на дете на возраст до 10 години заради спречување на ширење на коронавирусот.
Ист поднесок за користење на мерката поднеле и адвокатите Сања Алексиќ и Петар Василев.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.