Панчо Минов и Сафет Бишевац се вистинска персонификација на македонскиот политичар, кого не го интересираат идеологии, не чул за чест, достоинство, непознаница му се основните човекови доблести. Ним им е важно само да се на добитно место на листа. Дали таа била на СДСМ или ДПМНЕ, помалку важно.
Јанаки МИТРОВСКИ
Минатата недела беа промовирани партиските листи за претстојните парламентарни избори од страна на сите релевантни политички чинители во Македонија. Ако го исклучиме Сафет Бишевац, кој изненадно се јави на листа на ДПМНЕ, против која се бореше како новинар на А1 во времето на режим, нема позначајни изненадувања на самите листи. Во ред, фактот дали една партија е режимска или не во очите на ликови како Бишевац, веројатно зависи од тоа дали си на листата за пратеник на таа партија или не.
СДСМ СИ ИМА СВОЈ „БИШЕВАЦ“
Но, и СДСМ си има свој „Бишевац“ или таканаречен прелетач. Пратеникот Панчо Минов, кој потекнува од Либерална партија, па ЛДП, па СДСМ, па независен, па ГРОМец, па пак независен, сега се најде на добитното место на пратеничка листа на СДСМ. Тоа секако не е нималку случајно, ниту, пак, поклонувам верба на мојот драг познаник, генсекот на СДСМ, Николовски, кој во ТВ дуел тврдеше дека Минов се нашол на листа бидејќи „помогнал да се среди хаосот кој го оставил Груевски“, бидејќи Минов своевремено беше дел од истиот тој хаос.
Секому му е јасно дека Минов си го „заслужи“ местото на листите со своето кооперативно однесување, гласање за законот за јавно обвинителство, но и своевремено беше дел од комбинаториките за промена на Уставното име. Од другата страна, енигма ми е како Бишевац се најде на листа.
Панчо Минов и Сафет Бишевац се вистинска персонификација на македонскиот политичар, кого не го интересираат идеологии, не чул за чест, достоинство, непознаница му се основните човекови доблести. Ним им е важно само да се на добитно место на листа. Дали таа била на СДСМ или на ДПМНЕ, помалку важно. Кој, па сѐ уште се заморува со такви тривијалности?
Единствениот тешкаш на листите на ДПМНЕ е професор д-р Гордана Силјановска, која избоксува одличен резултат во првиот круг од претседателските избори, и единствената која може да се нарекува натпартиски кандидат. Сите останати се помалку или повеќе познати кадри на партијата или коалициските партнери.
Листите на СДСМ, пак, покажаа дека наводната „коалиција со граѓаните“ од 2016 била за еднократна употреба. Сега од позиција на власт, очигледно шарените револуционери се непотребни. Воедно, концептот 50-50, односно еднаков број мажи и жени на листи е само формално запазен, бидејќи нашиот закон НЕ познава двојни носители на листи!
НЕ ДАЈ БОЖЕ ДА СЕ ЗАРАЗИ ПОЛИТИЧАР
Но, овие избори веќе е извесно дека нема да се одржат поради исклучително тешката атмосфера поврзана со корона вирусот, кој кај нас зема замав. Исправно, иако со задоцнување, Министерството за здравство презеде серија мерки за забавување на ширење на вирусот. Се затворија школи, градинки, кафеани, забранија јавни собири и слично. Само за изборите се фемкаа до крај.
Дури денес, кога веќе имаме триесет и еден заболен и еден во критична состојба, конечно има консензус за одлагање и се бара правен модел како тоа да се стори. Мерка која требаше да биде прва, а не последна! Но, нашите политичари не се познати по грижа за народот и сѐ до последен момент, на помалку од месец дена од избори калкулираат. Забога, што ќе се смени ако изборите се одложат на два месеца?!
Дали ќе има избори или не, мене многу нема да ми смени. И онака не планирам да гласам. Туку со целава корона состојба друго ме плаши. Не дај боже, некој наш политичар да се зарази со корона. Како што има цела армија која му го лиже задникот, е дури тогаш ќе има пандемија!