Копров подготвува голем спектакл во Охрид: Јубилеј со Неда Украден, Дадо Топиќ, Алка Вуица, Гоца Тржан и многу изненадувања!

by fokus

Подготовките за 30-тото издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид- фест-Охридски трубадури“, се во полн ек. На први и втори септември во Охрид, на сцената на Долни Сарај ќе се одржат Фолк и Интернационалната вечер на јубилејното издание на фестивалот, ќе има многу квалитетна музика и докажани имиња што на вистински начин ќе го одбележат големиот датум на фестивалот со импресивна традиција.

-Во 1994 година започнаа „Охридски трубадури“, што, еве ја продолжуваат традицијата и годинава го имаме 30 издание на „Охрид фест-Охридски трубадури“- се сеќава основачот и идеен творец на фестивалот, Григор Копров.

Фестивалот тогаш имаше само Фолк вечер, а на неа победија Ленче, тогаш-Дедејска, со „Течете солзи“ со прва награда од публиката и Горан Кукиќ со „Дали има пиле шарено“, со награда од жири.

Патем, оваа 2023 година е јубилејна и за Копров кој одбележува 50 години професионална музичка кариера. После 1994, веќе следната година фестивалот се прошири со поп- вечер, а потоа се случи и Интернационалната вечер.

Во многуте испишани страници на „Охрид фест“, во бројните хитови што ги остави фестивалот („Усни на усни“-Тоше Проески, „ Јас и мојот бенд“- Биба Додева, „Јана“- Гиш, „За љубов се пее до крај“, дует Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, „Цреши охридски“ – Александар и Дац, „Штом ноќта помине“- Гоце Арнаудов, „Ех да свири Садило“ – Биоритам…) речиси и да не постои уметник од поранешните Ју- републики што не учествувал: Бајага, Горан Каран, „Нови Фосили“, Беби Дол, Хелена Благне, Маја Татиќ, Саша Матиќ, Елеонора Баруџија, „Балканика“, Емилија Кокиќ, како и атракцијата „Бони-М“.

И годинава уметнички директор на Фолк вечерта е Љупчо Соколовски, традиционално ќе ја води- Каролина Петковска и први септември ќе биде во знак на македонската фолк елита- Наум Петрески, Зуица Лазова, Петар Нечовски, Нино Величковски, Душко Георгиевски…

На Интернационалната вечер уметнички директор е Горан Шарац, а на неа, во ревијалниот дел ќе настапат Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ.
Наградата за промоцијата на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, кој ќе ја изведе култната песна „Македонија“ снимена 1973 година, хит „тежок“ 50 години, додека Неда Украден ќе добие награда за безвременскиот хит „Зора је“, што ќе го изведе на сцената на Долни Сарај.

Водителската двојка Марјана Станојковска и Васил Зафирчев ќе бидат домаќини на Интернационалната вечер, каде стандардно фестивалот им отстапува простор и на младите музички надежи за кои е задолжен Давор Јордановски.

Преносот на „Охрид- фест“ е преку националниот сервис МТВ, а големиот интерес за него го потврдуваат и странските телевизии- фестивалот се гледа и во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна, Грција, Албанија, Бугарија…
Годинава во телевизии поддржувачи ја има и Гранд ТВ, која фестивалот ќе го пренесува во живо.

Зад „Охрид фест“ се 29 успешни години, а на ова 30-то издание сите се добредојдени, влезот на Долни Сарај е слободен – истакнуваат од организацијата.

Организаторите најавуваат уште изненадувања, уште гостувања, а покрај вообичаените награди и новинарите во двете вечери ќе доделат награда за песна што најмногу им се допаѓа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости