Копров и се извини на Србија: Простете браќа, имавме анонимуси во жири!

by fokus

Познатиот композитор Григор Копров јавно и се извини на српската нација, поради тоа што од нашето жири не добиле ниту еден глас на Евровизија 2019.

Во отворено писмо кое го објави на својот социјален профил, тој се присетува на помошта од српскиот режисер Дарко Камарит, кој без двоумење му помогнал на нашиот евровизиски тим во 2007 година и појаснил што треба да се корегира, кога Каролина не претставуваше на музичката манифестација во Хелсинки. Копров јавно прашува како ние би постапиле во обратна ситуација, и потенцира дека е разочаран што нашето жири било составено од, како што тврди, анонимуси, наместо од најеминентни автори.

-Лично чувствувам потреба да им се извинам на колегите и на братска Србија. Затоа што во 2007 година, на изборот во Хелсинки кога имав песна со Каролина Гочева композицијата ,,Мојот свет” во нашата делегација немаше режисер, а требаше.
Сите проби од визуелен аспект беа катастрофални, затоа што никој од нас присутните не знаевме стручно да кажеме што не е добро. Да напоменам дека во полуфиналето имаше 27 држави, и тоа беше во историјата на Евровизија најтешко полуфинале, затоа што 17 држави отпаѓаа.

Да кажам дека македонската и српската делегација беа во ист хотел, и за голема среќа во нивната делегација беше и режисерот Дарко Камарит, кој е мој личен пријател.
Бидејќи пробите беа при крај, незадоволството беше големо, затоа што визуелниот ТВ настап на Каролина беше катастрофален и очигледно дека со таков настап нема финале.

Јас во таа ситуација бев во очај. Го повикав на кафе Дарко Камарит и му се обратив со овие зборови:

-Дарко, од ова што го барам од тебе апсолутно не зависи нашето пријателјство. Имено, нашиот режисер, од за мене непознати причини не допатува и нашиот настап е лош. Те молам ако е икако можно да дојдеш и да помогнеш да се реши визуелно она што ние не знаеме објективно да им појасниме на луѓето во режија. Имам во предвид дека ти не си овде приватно и дека претставуваш друга земја, така да, од оваа твоја одлука не зависи нашето пријателство.

Дарко без никакво двоумење рече -Да, дојде и им објасни во режија што треба да се корегира. Имавме фантастичен настап и влеговме во финале.

Ја користам приликата уште еднаш јавно да му се заблагодарам, како него лично, така и на српската делегација. Прашање до сите кои ќе го прочитаат ова: Како ќе постапевме ние во обратна ситуација?

Жири комисија на ваква голема меѓународна манифестација се составува од најеминентните автори, како што впрочем го прават сите други држави, а не анонимуси, како што беше во нашиот случај – порача композиторот.

Македонското жири беше во следниот состав: Сузана Стефановска (музички уредник), Фјола Исмаили (музичар), Роберт Вукелиќ (пејач), Христина Мицковска (радио диџеј) и Ристо Апостолов (музичар).

Дванаесетте поени ги доделило на Италија, десет на Австралија и осум на Албанија.
На телевоутингот Србите од нас добиле десет поени. Нашата претставничка Тамара доби 12 поени од Србија.

Поврзани новости