Копров и Дојчин во трка за песна за Евровизија за Словенија!

by fokus

Композиторите Григор Копров и Владимир Дојчиновски – Дојчин влегоа во трка за песна за Евровизија за Словенија со нумерата „Maybe someday“ која ќе ја изведе Божидар Волфанд – Волф.

Словенечкиот избор на кој ќе се одлучува кој ќе претставува земјата на Евровизија во Холандија ќе се одржи на 22-ри февруари, а Дојчин и Копров велат дека имаат високи очекувања.

-Музиката е на Копров, аранжманот е мој, додека пак под текстот се потпишува изведувачот, Волф – раскажува за ,,Фокус” Дојчиновски.

Додава дека се работи за песна во поп стил, со примеси на келтска музика.

-Песната е многу интересна од аспект на тоа дека ритамот во строфата е поинаков од тој во рефренот. Божидар Волф цели триесет години живеел во Америка, а пред една година се вратил во Љубљана. Еден наш заеднички пријател кој што исто така живее во Љубљана и кој што е музичар, менаџер и продуцент, ни го предложи Волф кога ја слушна композицијата.
Тој веднаш се воодушеви од песната, многу бргу го изработи текстот, потоа дојде во Скопје, ја снимивме и ја испративме на конкурс.
На наше големо задоволство, бевме информирани дека песната е примена на ЕМА 2020. Околу тоа дали ќе имаме среќа да заминеме во Холандија на Евровизија, ќе се знае на 22-ри февруари, кога ќе се одржи изборот, во националната телевизија во Словенија – раскажува Дојчин.

Тој открива дека со Копров конкурирале и на изборот за песна за Евровизија со која нашата земја ќе ја претстави Васил Гарванлиев во Холандија, но сепак на крајот изборот падна на песна од авторката Невенка Нешкоска.

-Воопшто не сме разочарани поради тоа што за нашиот претставник не беше избрана наша композиција. Напротив, на Васил му посакуваме многу среќа на изборот во Ротердам – ни изјави композиторот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости