Коста Николов: Кога можам јас со протеза за нога и оштетен слух да следам сон, за вас нема изговори!

by fokus

Вчера во Струмица се одржа музичкиот настан ,,Надежта последна умира” – Вера, надеж, љубов, музика, каде лица со попреченост се испробаа на сцената, во улога на музичари.

Дванаесет учесници пееа во придружба на Акустик легенди, Гала бенд, Васко Пиличев и Игор Ангелов.
Последен на манифестацијата, пред околу 250 гости, настапи струмичанецот Коста Николов (19). Тој ја отпеа нумерата ,,Cold water”, а настапот го заврши со зборовите – Кога можам јас, нема причина да не можете и вие.

Струмичани добро го познаваат Коста, момче кое од неодамна работи во канцелариите на приватна компанија за мебел. Весел, вљубеник во музиката, тој е лице кое ја надминало попреченоста со позитивен став кон животот и може да биде инспирација за многумина.

-Доколку не носам протеза на левата нога, јас не би можел да се движам, ќе бев во количка. И на левото уво имам 100 процентно оштетување на слухот, значи слушам единствено на десното уво. Така сум роден, ја прифатив мојата состојба уште од мали нозе и се трудам да живеам нормален живот – раскажува Коста за ,,Фокус”.

Вели дека тоа што некому можеби би му била голема пречка во животот, за него не претставува проблем, се труди да најде радост во секојдневието, во дружбите со многубројните пријатели, во работата.
А за љубовта кон музиката, знае да каже дека таа е неговиот благослов кој му дава сила и верба дека еден ден ќе дојдат и неговите пет минути, кога на целиот свет ќе му покаже дека физичката попреченост не значи и запирање на нормалниот живот, туку напротив, уште поголем мотив да се биде успешен.

-Откако знам за себе јас уживам во музиката. Постојано пеам, тоа е мојот начин да одам напред, да бидам позитивен. Вчера за прв пат пред присутните во хотелот ,,Вила Парк” настапив пред публика. Уживав во секој момент, и во настапот и во вежбањето на песната кое се случуваше неколку недели наназад. На крај, порачав дека кога јас можам, нема што останатите, луѓето кои немаат никакви здравствени проблеми или било каква попреченост, да бараат изговори и да се откажат од своите соништа – вели Николов.

Додава дека негов совет е постојано да се оди напред, да се има цел во животот.

-Јас чекорам со мали чекори, ама важно е тоа што не застанувам, се движам. Исто е со останатите, секој треба да продолжи да се движи кон својата цел, без разлика на тоа колку мали чекори прави.
Секогаш верував во себе, уште како дете, знаев дека јас можам да имам нормален живот, не дозволив попреченоста да ми влијае на било кој начин. Настанот од вчера е само почеток, планирам сериозно да се посветам на музиката. Се надевам дека некој продуцент, композитор, менаџер… ќе ме контактира, отворен сум за соработка.
Имам многу да дадам, гледам дека нашето општество станува свесно за лицата со попреченост, дека се надминуваат препреките, се оди напред. Затоа и верувам дека мојата состојба нема да биде пречка за градење на музичка кариера, туку напротив, мотив повеќе да ми се даде шанса, да му покажеме на светот дека сите сме исти и имаме соништа, но и сила да ги оствариме – раскажува струмичанецот.

Вели дека и покрај тоа што има само деветнаесет години, тој јасно си ја зацртал целта во животот. Моментално живеел со родителите, но планирал наскоро да се осамостои, да живее како и секое возрасно лице, со свој труд.
-Веќе извесен период работам, полнолетен сум, желба ми е што побргу да се осамостојам. Животот е пред мене, со верба и упорност одам напред – ни изјави младото момче.

Вики Клинчарова

Поврзани новости