Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за „360 Степени“ зборува за ставот на неговата земја кон отварањето пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија, членството во НАТО и други теми.
Амбасадоре, многу претставници на ЕУ, како и земји-членки, изјавија дека непостигнувањето консензус за одлука за почеток на преговори со Скопје и со Тирана беше голема, историска грешка. Вакви изјави, или слични формулации, не слушнавме од Хаг. Дали тоа значи дека холандската влада смета дека одлуката да нема одлука беше оправдан чекор?
-Кога 28 суверени и демократски држави не се во можност на едно заседание да донесат одлука не мислам дека има логика да се зборува за историски грешки. Во најмала рака, тоа е историски факт. Исто така, според наше видување, од ова не треба да се прави голема драма. Разочарување има и тоа го разбирам. И за нас е разочарување зашто гледаме простор за Северна Македонија да ги почне преговорите. Но, според нас, не станува збор за драма, туку повеќе за пречка на патот. Сега сме во долг процес на придвижување на земјата поблиску до ЕУ за да во некој момент таа стане членка. Тоа беше нашата позиција, тоа е нашата позиција и тоа ќе биде нашата позиција. Перспективата за членство во ЕУ е жива и она што сега е важно е процесот на приближување на С. Македонија да не биде попречен. Се уште има уште многу да се сработи. И откако ќе почнат преговорите за членство ќе има многу да се сработи.
Амбасадорот зборува и за потребата да се донесе нов закон за Јавното обвинителство.
На што точно се мисли кога Холандија ја споменува важноста на носење нов закон за Јавно обвинителство ако се има во предвид дека случаите на СЈО веќе се трансферирани во редовното обвинителство? И, исто така кога се зборува за владеење на правото, не мислите ли дека има поитни задачи за завршување во ситуација кога во судството има мала ефикасност со предметите на СЈО, се носат малку пресуди, се одлагаат рочишта, особено откако Европската комисија на почетокот на мандатот на владата беше против длабоки резови во оваа област?
-Веќе 26 години имаме дипломатски односи со оваа земја и во тој период секогаш бевме ангажирани промовирајќи владеење на правото и трансформирајќи го судството. Имавме и се уште имаме проекти кои се наменети за млади правници, за справување со корупцијата, со квалитетот на судството и на казнениот систем, со квалитетот на малолетничкиот казнен систем. Ја поддржуваме работата на Јавното обвинителство и станува збор за наш континуиран и значаен ангажман.
Но, од друга страна, ако С. Македонија сака да стане членка на ЕУ, ќе треба да има соодветни закони зашто е многу важно отворените предмети да продолжат и понатаму. Никој не е над законот. Тоа треба да биде видливо за граѓаните – дека никој не е над законот, дека условите се исти за сите и дека ќе бидете процесуирани ако сторите нешто лошо. Но, исто така треба да се осигураме дека тоа ќе се случува и во иднина. Значи, важно е да се продолжи со отворените случаи, но исто така и со оние што ќе се отворат во иднина. А за тоа ви треба закон. Како тоа ќе го сторите зависи исклучиво од С. Македонија – дали ви треба нов закон, дали ќе го измените постоечкиот, или ќе донесете регулативи за имплементација на постоечките закони, тоа мора да се случи. Во одреден момент, секако, откако ќе почнете пристапни преговори, тоа мора да се среди и не само на хартија, туку да се имплементира и во пракса.