Дури 24% од основците биле жртви на насилство во училиштата

by fokus

На прашањето „Колку пати во последните неколку месеци е извршено насилство врз тебе во училиштето?“, 24 отсто од учениците рекле дека биле изложени на насилство во училиштата и тоа, 5,1 отсто намалку еднаш во неделата. Ова е само едно од прашањата кои им биле поставени на 2.219 ученици во 12 основни училишта низ неколку општини во Скопје, објави „Мета“.

Ова темелно истражување во врска со насилството во училиштата, го изработи професорката на Филозофскиот факултет Софија Георгиевска, која предава неколку предмети, меѓу кои и социјална работа со деца и млади, заедно со нејзината колешка Фросина Денкова Зафировска, која е системски семеен советник и лиценциран психолог.

Во однос на констатацијата „Ме нарекуваа со погрдни имиња, ми се смееа или ме закачаа на навредлив начин“, 33 отсто од испитанците доживеале ваков вид на насилно однесување. На констатацијата „Другите ученици намерно ме занемаруваа и исклучуваа од својот круг на пријатели“, забележано е дека е помал процентот во однос на претходното прашање, но сепак, 23 отсто се оние ученици на кои им се случило вакво нешто.

Процентот на оние ученици кои биле нарекувани со погрдни имиња, и на кои им биле коментирани или покажувани гестови со сексуално значење барем еднаш е 16 отсто. Процентот на оние ученици кои биле изложени на нарекување со погрдни зборови поради потеклото е 15 отсто.

На едно од прашањата „Ме удираа, ме удираа со нозе, ме туркаа, ме гаѓаа или заклучуваа во просторија“, 17,7 отсто од учениците се изјасниле дека доживеале вакво нешто. Во однос на констатацијата „Ми земаа пари или други работи, па ги уништуваа“, 15 отсто од учениците во последните месеци биле изложени на овој вид на насилно однесување.

Фрапантен е податокот дека 27 отсто од учениците веќе неколку години константно се изложени на насилство, и тоа 34 отсто од ученичките, и 23 отсто од учениците. За тоа каде се случува насилството, 46 отсто од децата одговориле дека тоа се случува на игралиште, 24,8 отсто во училница додека е присутен наставникот, 20,3 отсто додека е отсутен наставникот, 24,8 отсто на пат кон училиште.

Поврзани новости