Во Собранието на Република Македонија се очекува утре да се одржи продолжението на 34. седница, а нова седница ќе биде закажаа на 23 март. Ова е дел од договореното на денешната редовна понеделничка средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери, на која првпат по неколку месеци беа и координаторите на пратеничките групи на опозициските ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи.
Мицевски за МИА потврди дека тие присуствувале на координацијата откако претседателот на Собранието Џафери на минатата седница го повлекол од дневен ред предлогот за онлајн вклучување на пратеници поради Ковид-19 или во изолација.
Според информациите од Собранието, утре е договорено да продолжи 34. седница и да се гласа за веќе завршените точки на дневен ред, како и за оние за кои ќе помине дебатата, како што најави Џафери минатата недела. На денешниот координативен состанок не било соопштено дали има пратеници со Ковид или најавиле отсуство, сепак се остава простор и за такво нешто имајќи ја предвид состојбата со пандемијата. Собранието неделава и во деновите потоа треба да ги продолжи и заостанатите седници, а паралалено веќе се закажани седници на собраниски комисии.