Меган сакала да се самоубие, интервјуто со парот вечерва ќе се емитува на хрватска телевизија

by Fokus

Голем дел од светската јавност синоќа имаше можност да го проследи најавуваното интервју на водителката Опра Винфри со принцот Хари и неговата сопруга Меган. Разговорот кој траеше околу два часа се одвивал во вилата на Хари и Меган во Санта Барбара, а деталите кои ги откри парот, поврзани со нивниот живот со кралското семејство, предизвикаа бура од реакции.

Војводката од Сасекс размислувала за самоубиство додека бил активен член на кралската фамилија, а доживеала голем удар кога пред да се роди нивниот син Арчи, во семејството се разговарало и околу тоа, колку темна би била кожата на нивниот син, со оглед на тоа што мајката на Меган е афроамериканка. Хари потврди дека таков разговор навистина се водел, но кратко порача дека деталите нема никогаш да ги открие, односно нема да даде прецизен одговор кој од кралското семејство бил загрижен поради бојата на кожата на нивното дете.

-Повеќе не сакав да живеам. Се сеќавам како Хари ме тешеше и ми пружи поддршка. Сите мои пријатели, уште откако се дозна дека сме во врска со Хари, добија насоки како да се однесуваат. На секое прашање мораа да одговорат со – Немам коментар. Кога се венчавме, состојбата стана полоша – емотивно раскажуваше Меган. Хари пак, откри дека престанал да добива пари од палатата во првиот квартал на 2020 година.

Потпишал договори со Нетфликс и Спотифај, но имал и финансиски средства кои му ги оставила неговата мајка Дијана.

-Ако не ја запознав Меган, немаше да ги напуштам кралските должности. Бев заробен, а не бев свесен за тоа. Бев заробен внатре во системот, како и остатокот од мојата фамилија. И татко ми и брат ми се заробени – раскажа Хари.

Парот откри дека на лето ќе се роди нивното второ дете, ќерка. Исто така изјавија дека не планираат да имаат повеќе деца. Според американските медиуми, Опра Винфри го продала интервјуто кое синоќа се емитуваше на ЦБС за неверојатни девет милиони долари.

Пократка верзија од онаа која се емитуваше на ЦБС вечерва ќе биде прикажана на хрватската РТЛ во 19.30 часот. Хрватска е единствена земја од Балканот која ќе го емитува интервјуто. Право на прикажување на интервјуто откупиле 70 земји од светот.

Поврзани новости