На иницијатива од СДСМ, со поднесени 67 пратенички потписи, денеска напладне треба да се одржи координативна средба на парламентарните групи.
На средбата треба да биде формирана Комисијата за избори и именување, што претставува основа за продолжување на Конститутивната седница која почна на 30 декември минатата година.
Прв чекор ќе биде избор на претседател на Собранието, а од СДСМ потоа очекуваат претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот за формирање влада.
Инаку, конститутивната седница запна кај формирањето на собраниската Комисија за избори и именувања, која треба да го даде името на новиот собраниски спикер. Партиите не можеа да се договорат за составот на комисијата. Не можеле да се договорат ДУИ и движењето Беса, бидејќи ДУИ со десет пратеници треба да има еден претставник, исто колку и движењето Беса иако има двојно помалку пратеници.
Инаку, според агендата, еврокомесарот Јоханес Хан очекувал денеска да се сретне со новиот собраниски спикер, но од парламентарното мнозинство брифираат дека за тоа шансите се мали.