Лозарите масовно горат ,,пари’’

by fokus

Деновиве во Тиквешијата редовна слика се облаците од чад на лозјата, поради горењето на лозовите прачки, кои што остануваат како отпад по кроењето.

И покрај тоа што со години наназад лозарите аплираат до Министерството за екологија и до Министерството за земјоделие да се најде начин за искористување на оваа биомаса, конкретно решение сеуште не е понудено и секоја пролет илјадници евра горат на меѓите на лозјата.

,,Имаше некои проекти, најави дека овој природен отпад ќе се откупува за производство на брикети, но сеуште никој конкретно не не информирал нас, лозарите. Покрај тоа што буквално гориме пари, свесни сме дека ја загадуваме и животната средина. Но освен да се изгорат или да се фрлат на некоја депонија, моментално нема друго решение за лозовите прачки’’ -вели лозар од Неготино, кого што го затекнавме додека ги палеше прачките.

Минатата година винарската визба ,,Тиквеш’’ од Кавадарци најави дека работи на проект за обновливи извори на енергија, во кој што се опфатени и лозовите прачки.

,,Прачките ќе се собираат по технолошка постапка, ќе се преработуваат и од нив ќе се добива гориво’’ – најавија лани од винаријата, но лозарите велат дека и оваа година прачките им завршуваат во оган.

,,Од едно лозово стебло се добива околу 1.5 килограм биомаса. Потребни се соодветни машини за овој отпад да биде преработен во брикети кои што можат да се користат за огрев. Ние лозарите сами не го можеме тоа. Потребни се инвестиции, организација, откупни центри… Сметаме дека Министерството за екологија треба да стори нешто околу овој проблем, бидејќи и самите гледате дека во овој период не се диши од чад околу лозјата. Доколку има откупни центри, каде што ќе можеме да ги предадеме лозовите прачки, секако дека нема да ги гориме’’ – раскажуваат лозарите.

Секоја година, во време на горење на прачките се случуваат и пожари во Тиквешијата.

Од Противпожарните станици во Кавадарци и Неготино, редовно апелираат до лозарите да бидат внимателни и да не го напуштаат лозјето додека сосема не изгорат сите прачки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости