Фељтонот за прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ на 30. април 2010. Првиот дел од фељтонот може да го најдете на овој линк.
Вториот дел на нашиот фељтон почнува со продолжението на разговорот на неколкумина новинари со некогашната голема надеж на руската демократска јавност, политичарот Григориј Јавлински од партијата Јаблоко. Петчасовното вкрстено интервју се случува на 25 ноември 2003-та, тринаесет денови пред триумфалните парламентарни избори за Путиновата партија Единствена Русија.
На моменти непријатниот тон за време на разговорот произлегува од сомневањето на новинарите, дека Јавлински склучил некаква зделка со претседателската администрација – обезбедување административни ресурси во поткрепа на Јаблоко, во замена за погребување на определени теми за време на предизборната кампања.
Јавлински зборува за неговиот последен дотогашен разговор со Путин, одржан на 11 јули 2003-та, а темата е жешка – судбината на олигархот Михаил Ходорковски.
– Тие го собраа во Кремљ целиот Државен Совет и лидерите на политичките партии, за да ги разгледаат економските програми… Средбата заврши во десет и половина, и јас му реков на Путин дека треба итно да разговарам со него. Во единаесет и половина се сретнавме кај нив. Разгледавме различни проблеми, но, главниот беше Ходорковски.
– Знаевте ли дека ќе го апсат?
– Немаше од каде да знам, но, беше јасно дека владата ја прифаќа аферата многу сериозно. Разбрав дека нешто ќе се случи со Ходорковски, кога лондонскиот „Фајненшел Тајмс“, објави огромна статија со негови снимки, како и на Михаил Фридман и на Роман Абрамович, со огромен наслов, што е многу невообичаено. Во материјалот се соопштуваше, дека тие олигарси го префрлуваат богатството на Запад и се готват да распродадат се тука. Се цитираше искажување на Фридман, дека во Русија е невозможно да се прави модерен бизнис, дека и покрај тоа што самите се многу способни раководители, поради целата таа корупција во земјата не можат да се развијат вистински компании.
– Веќе сте се помириле со фактот дека Путин ќе спечали втор мандат?
– Тој ќе го спечали, дури јас и да не се помирам со тоа.
– Како реално си ги оценувате шансите?
– Од каде да знам? Нашите статистички анализи покажуваат дека ќе добиеме осум-девет проценти, но, во тие избори постојано се појавуваат нови гласачи, ту овде, ту таму… тоа се нарекува „контролирана демократија“. Едноставно, си додаваат уште гласови, каде што им треба.
– Останувам со впечатокот дека и вие сте се предале. На крајот на краиштата, народот во Грузија ги отфрли резултатите од фалсификуваните избори и примени вонпарламентарни методи, за да ја промени таа положба. Можеби требаше да постапите на истиот начин? Можеби сите требаше да постапиме така? Готови ли сте да прибегнете кон вонпарламентарни методи?
– Не, нема да тргнам по тој пат, затоа што знам, дека во Русија тоа ќе заврши со крвопролевање, при што нема да биде пролеана мојата крв.
– Ами комунистите? Сметате ли дека тие ќе излезат на улица?
– Постепено ни беше сугерирано, дека тие ќе добијат дванаесет-тринаесет проценти. Тоа е веќе општоприфатено мислење. Не го исклучувам, затоа што политички Путин многу успешно им го украде обликот. Единствена Русија едвај дека ќе излезе на улица, затоа што спечалила триесет и пет, а не триесет и осум проценти, а други масовни партии нема. Едноставно, не постојат. По 1996-та, во Русија стана практично невозможно создавањето на политичка опозиција. Опозицијата треба да може да смета на независен судски систем.
Второ, ние немаме независни национални мас-медиуми. Ја имам предвид телевизијата, се разбира, главно Канал Еден и Канал Два. Трето, нема независни извори за финансирање на нешто суштинско. Во отсуство на тие три основни принципи, во Русија не е можно создавањето на витална политичка опозиција… Сега во Русија нема демократија, затоа што демократијата е невозможна без опозиција. Сите претпоставки за политичка опозиција беа уништени, кога во 1996-та Елцин ги победи комунистите, и ние во голем степен допуштивме да ги уништат.
Денес во Русија нема дури ни теоретска можност некаде да се организираат стоилјадни демонстрации… Една од особеностите на сегашниот режим е, дека тој не ја смачкува брутално само опозицијата, како што беше за време на тоталитаризмот. Системот сам ги уништи демократските институции. Сега државните власти ги приспособуваат сите граѓански и општествени институции за сопствените цели. Ако некој се обиде да се спротивстави, едноставно го менуваат со друг.
Ако не сака, хм, подобро да внимава. Деведесет и пет проценти од проблемите се решаваат со тие методи на приспособување или заменување. Ако не ни се допаѓа Сојузот на новинарите, ќе создадеме Медијасојуз. Ако не ни се допаѓа НТВ со сегашниот сопственик, ќе пронајдеме НТВ со друг сопственик…
Ако започнат да пројавуваат нездрав интерес кон вашиот весник, знам точно што ќе се случи. Ќе почнат да ви ги купуваат луѓето, ќе провоцираат внатрешен бунт. Тоа нема да се случи брзо, вие сте добар тим, но, постепено, со пари и со други методи, со примамување на луѓето поблиску до власта, со умилкување… се ќе почне да се распаѓа. Така се справија со НТВ.
Глеб Павловски отворено изјави, дека тие ја убија јавната политика. И тоа си беше чиста вистина. Властите исто така намерно создаваа двојници, за секој да има од кого да биде засенет. Родина може да им конкурира на комунистите. Сојузот на десните сили може да му конкурира на Јаблоко, Народната партија може да и конкурира на Единствена Русија.
– Но, штом се подготвени на сите тие трикови, од што им е страв?
– Од промена. Државните раководители дејствуваат во сопствен интерес. Не сакаат да ја загубат власта. Тоа ќе ги стави во многу опасна ситуација и тие го сознаваат тоа. Јавлински немаше да влезе во Думата.
95 отсто од проблемите се решаваат со методи на приспособување или на заменување. Ако не ни се допаѓа Сојузот на новинари, ќе создадеме нов
НАРОДОТ ПРИФАТИ ДА СЕ ДРЖИ СО НЕГО КАКО СО ИДИОТ
Дали ја набљудувавме кризата на руската парламентарна демократија за време на Путиновата епоха: Не, ние бевме сведоци на нејзината гибел. На прво место, како што точно се изрази нашата најдобра политичка коментаторка, Лилија Шевцова, законодавната и извршната власт се слеаја и тоа означуваше преродба на советскиот систем. Како резултат на тоа, Думата имаше чисто декоративни функции, форум за ставање печат на Путиновите решенија.
На второ место – и токму од таа причина тоа беше крајот, а не само криза – рускиот народ ја даде својата согласност. Никој не се спротивстави. Немаше демонстрации, масовни протести, пројави на граѓанско непотчинување. Електоратот го прими тоа покорно и беше согласен да живее не само без Јавлински, туку и без демократија.
Беше согласен да се држат со него како со идиот. Според една официјална анкета, 12 отсто од Русите сметаат дека кандидатите на Единствена Русија се претставиле на најдобар начин на предизборните телевизиски дебати. Токму така, и покрај фактот дека тие категорично откажаа да учествуваат на какви и да е телевизиски дебате!? Тие немаа што друго да кажат, освен дека нивните дела говорат наместо нив. Како што одбележа Аксјонов: „Мнозинството од електоратот рече: Едноставно, ќе ги оставиме нештата такви какви што се“!
Со други зборови, да го вратиме СССР – малку попроменет, замачкан, модернизиран, ама пак да си е добриот стар СССР, сега со бирократски капитализам, во кој главен олигарх е државниот чиновник, бескрајно побогат од секој сопственик или капиталист. Заклучокот беше јасен – штом се враќаме кон СССР, Путин бездруго ќе победи во март 2004-та. Предвидлив заклучок. Претседателската администрација му помагаше и загуби секаков срам. Во следните месеци, дури до 14 март 2004-та, кога Путин навистина беше реизбран, во државата исчезна секаква контрола и единствената сопирачка остана совеста на Претседателот. Ама, карактерот на тој човек и на неговата претходна професија ја правеше таа сопирачка недоволна.
9 декември
Во 10:53, денес атентаторка камиказа се самоексплодира пред хотелот „Национал“ во Москва, точно спроти Думата и на 145 метри од Кремљ. Каде е таа Дума? – прашала таа еден минувач, пред да експлодира. Главата на кинескиот турист, кој бил до неа, долго лежела на асфалтот. Луѓето пиштеа и крештеа за помош, но, и покрај тоа што во тој реон нема недостиг на милиционери, тие се појавија на местото на експлозијата дури по дваесет минути, очигледно поради страв од нова експлозија. Половина час по случката пристигнаа коли за брза помош и милицијата ја отцепи улицата.
10 декември
Терористичкиот атентат речиси не се коментира, не се оценува ни зошто воопшто се случуваат такви нешта.
Рускиот горен дом, Советот на федерацијата, определи датум за реизбирањето на Путин. Тој веднаш даде гас и ги искористи семожните годишнини и значајни датуми, да се покаже пред земјата и светот како главен експерт во Русија, по што и да е што се чествува таму. Во однос на Денот на сточарството – тој е нашиот најславен сточар, во однос на Денот на градежниците – наш прв мајстор ѕидар. Колку и да е чудно, Сталин ја играл истата игра.
12 отсто од Русите сметаат дека Путиновите сопартијци најдобро се претставиле на тв-дебатите, иако никој од нив не се појавил на дебата
ПУТИН „ПРИЗНАЛ“ ДЕКА Е ДЕМОКРАТ ВО ДУШАТА!
За среќа, денес е Меѓународниот ден на човековите права, па Путин ги покани нашите најистакнати правозаштитници (избрани од него) во Кремљ, на заседание на Претседателската комисија за човекови права. Тоа започнало во 18.00 и се претседателствувало од Ела Памфилова, демократка од Елциновиот период.
… Поголемиот дел од времето Путин ги слушал искажувањата, а кога земал збор, се преправал дека е на нивна страна. Се правел борец за човекови права. Кога устата на демократите веќе е затната, тој очигледно ќе ги претставува Јаблоко и Сојузот на десните сили наместо нас. Се оствари предвидувањето на политичките коментатори во ноќта на парламентарните избори.
Тоа навистина му била главната цел во средбата со правозаштитниците: да им покаже дека нивните грижи се и негови. Тој е одличен имитатор. Кога мора, Путин е еден од вас – кога нема таква неопходност, тогаш е ваш непријател. Мајстор е да се претвора дека е некој друг и неговите точки успеваат да заблудат мнозина. Собраните правозаштитници се стопиле пред Путин, кој се преправал дека е еден од нив, па, и покрај фундаментално различните ставови за реалноста од него, му ги излеале срцата.
Имале чувство дека Путин ги разбира многу подобро од службениците на редот, во еден момент истресол некој. Путин останал неогорчен и веднаш вратил:
– Така е, затоа што сум демократ во душа.
Непотребно е да кажам, дека на сеопштата радост и немало крај. Д-р Рошал замолил да земе збор ,само за малку,.
– Владимир Владимирович, мене многу ми се допаѓате… – изјавил тој. Владимир Владимирович го свртел погледот кон масата. Докторот продолжил: – …и не ми се допаѓа Ходорковски. Владимир Владимирович моментно се наежил. Еден Господ знае, на каде цели тој педијатар. Се разбира, коработ му ја сечел водата кон пристаништето. – И покрај тоа што ми се допаѓате вие и не ми се допаѓа Ходорковски, јас не сакам да го уапсат. На крајот на краиштата, тој не е убиец. Каде сметате дека може да избега?
Лицето на Претседателот се напрегнало и присутните си ги гризнале јазиците. Никој веќе не кажал добар збор за Ходорковски, небаре Путин е таткото на умирање, а олигархот – блудниот син. Правозаштитниците не го продолжиле нападот, како што би требало да се очекува, туку си ги свиткале опашките. Небото се смрачило и откако темата за „Јукос“ се испуштила од јазикот на Рошал, само еден човек се осмелил да постави друго прашање. Прашање, кое претседателската екипа секогаш моли да не се споменува од страв Путин да не ја загуби ладнокрвноста. Светлана Ганушкина го постави прашањето за Чеченија.
Откако го завршила краткото искажување за решените од администрацијата проблеми на миграцијата, Ганушкина изјавила дека не очекува претседателот да говори за Чеченија и затоа едноставно сака да му подари една книга, штотуку издадена од Правозаштитниот центар „Меморијал“ – „Тука живеат луѓе: Чеченија, хроника на насилството“.
Тоа било неочекувано. Бранителите немале време да се замешаат. Путин ја зел книгата и исто така неочекувано пројавил интерес за неа. Ја прелистувал до крајот на средбата, до 22.30. На крајот, самиот проговорил за Чеченија.
– На прво место, тој беше убеден дека е наполно нормално да се задушуваат човечки права додека тече антитерористичка операција – си спомнува Ганушкина. – Имало причини, кои го оправдувале незаживувањето на законот; околности, при кои законот можел да биде игнориран. На второ место, додека ја прелистуваше книгата, Путин забележа: „Лошо е напишано. Ако пишувавте за да ве разберат, тогаш луѓето ќе ве следеа и навистина ќе можевте да влијаете на владата. Но, тука нештата се претставени очајно“.
Се разбира, тој ја немал предвид Чеченија, туку изборниот пораз на Јаблоко и Сојузот на десните сили.
– Путин е во право – смета Ганушкина. Таа е стар член на Јаблоко и соработува со пратениците од таа партија во Думата. – Ние не сме способни да им објасниме на луѓето, дека не сме ниту на едната, ниту на другата страна, туку ги заштитуваме човечките права.
Потоа разговорот сам од себе се насочил кон Ирак. Правозаштитниците изјавиле дека не може да стане ниту збор за споредба: Чеченците се руски граѓани, за разлика од Ирачаните. Путин приговорил со зборовите, дека Русија се претставува во светот во подобра светлина од САД, затоа што многу почесто подига обвиненија против воени лица, кои извршиле злосторства во Чеченија, отколку Соединетите држави против свои воени злосторници во Ирак.
– Над шестотини дела – потврдил главниот обвинител.
Правозаштитниците не се збуниле: Колку од нив завршиле со пресуда? Прашањето натежна во воздухот без одговор.
Људмила Алексеева, лидерка на Московската хелсиншка група и неофицијална доајенка на руските правозаштитници, која Кремљ ја издигна до статус на икона, олицетворувајќи ја правозаштитничката заедница, предложила да организираат тркалезна маса со истите учесници, за да ги разгледаат чеченските проблеми со претседателот.
„Ќе треба да размислиме за тоа, измрморил Путин на простувањето. Тоа всушност значеше: За ништо на светот!“.
БИВШИ ДИСИДЕНТИ ПОТКУПЕНИ ОД КРЕМЉ
Путин и правозаштитниците навистина не спроведоа дискусија за Чеченија, но, после таа декемвриска средба, некои од нив заедно со претставници на демократите решија да ги напуштат победените Јавлински и Немцов и да се присоединат кон новиот демократ Путин, кому што, очигледно така мислеа – ќе му служат исто толку добро.
Истата судбина ги снајде повеќето познати новинари. Пред нашите очи тие просто плукаа на сопствената репутација. Набљудувавме како Владимир Соловјов, популарен телевизиски и радио водител, еден од најсмелите, најдобро информираните и демократски репортери, кој до неодамна ја разобличуваше владата, на пример за време на пуштањето гас во „Норд-Ост“ (кога деветстотини и дванаесет души од публиката на мјузикл беа земени како заложници од Чеченците), ненадејно и јавно објави поддршка на Путин и руската држава.
Тоа се случи, затоа што беше привлечен и поткупен од Кремљ. Тој се преобрази. Вечниот руски проблем – блискоста со Кремљ, ги прави луѓето отстапливи и склони кон компромиси. Кремљ одлично го разбира тоа. На колкумина им ги затворија устите на тој начин! Прво нежно ги притискаат кон државната цицка.
Во Русија, најдобриот начин да ги потчиниш и најнепокорните не се парите, туку, да ги прибереш внатре од студот, за почеток на една рака растојание. Бунтот речиси почнува да стивнува. Го видовме тоа при случајот со Соловјов, па со д-р Рошал, а сега дури и следбениците на Сахаров и Елена Бонер почнаа да раскажуваат за шармот на Путин – тврдат дека им давал основа за надеж!
Се разбира, не за прв пат во најновата историја, сведоци сме на зближување на режимот и заштитниците на човечките права, на режимот и демократите. Само што последиците за бившите дисиденти за прв пат се толку погубни. Каква надеж има рускиот народ, штом дел од опозицијата е уништен, а другиот, речиси целиот преостанат дел, е истуркан на страна за подоцнежна употреба?
11 декември
Утрото повторно го набљудувавме истото – репутација, погубена од кремљската прегратка. За време на советскиот период, Андреј Макаревич беше неформален рок пејач, дисидент, борец против КГБ, кој огнено пееше: „Не наведнувајте глава пред променливиот свет. Еден ден тој свет ќе наведне глава пред нас!“. Тоа беше химната на првите демократски години во времето на Елцин. Денес, во живо, на државниот Канал Еден, му врачија медал „За служба на Родината“.
Макаревич објави поддршка на Единствена Русија и учествуваше во предизборните митинзи. Тој, всушност, наведна глава пред Путин и неговата Единствена Русија. Му објасни на народот, каков мангуп бил Владимир Владимирович и ете го на, сега го гледаме како добива официјални награди – бивш дисидент, кој не се срами да влезе во кремљската партија!
Еден од најсмелите демократски репортери ненадејно објави поддршка на Путин
ЃУРУЛТИЈАТА ОКОЛУ ХОДОРКОВСКИ НЕ И ШТЕТЕЛА НА РУСКАТА ДРЖАВА
Путин направи прием за лидерите на парламентарно претставените партии, бидејќи денес е последниот ден на Третата дума. Тој зборува за позитивниот развој на односите меѓу државните власти. Јавлински кисело се потсмевнуваше.
Неодамна, во зградата на Државната дума спроти Кремљ се организираше последната сесија на парламентот во заминување. Присуствуваа речиси сите. Претставниците на Единствена Русија беа во празнично настроение и не се мачеа да го скријат тоа. Кај нив секојдневно дезертираа новоизбрани пратеници од други партии – се стремеа да се доближат до Путин. Единствена Русија се раздува како балон со жежок воздух.
Јавлински се држеше настрана од сите други, сам како и секогаш. Беше намуртен и молчалив. На што имаше да се радува? Гибелта на руската парламентарна демократија се совпаѓаше со десеттата годишнина од Првата дума за време на претседателскиот мандат на Елцин. Утре, 12 декември, исто е десетта годишнина од новиот руски „Елцинов устав“.
Немцов гледа да даде колку што може повеќе интервјуа, додека луѓето уште се интересираат за него. Објаснува: „Сојузот на десните сили и Јаблоко го прават невозможното, нешто, кое пред 7 декември изгледаше чиста фантазија – се обидуваме да се обединиме„. Луѓето не му веруваа премногу. Сите продемократски избирачи се молеа десните да се здружат пред 7 декември, за да имаат влијание на изборите, ама никој не им обрнуваше внимание.
Претседателот на Думата, Генадиј Селезнов, објави проштално слово, кое никој не го слушаше. Тој знае дека претседателството му е истечено, затоа што во иднина претседателот нема да се избира од парламентот, туку ќе се назначува од Кремљ. Секој знае и кој ќе е новиот. Тоа е Борис Гризлов, пријател на Путин и еден од неговите најблиски довереници, лидер на Единствена Русија и министер за внатрешни работи. Моментот несомнено е историски. Кога ќе се збогуваме со Третата дума, ние ќе се разделиме со една политичка епоха. Путин го смачка нашиот дискутирачки парламент.
Путин чита статистики од своите белешки, и покрај тоа што прашањето е зададено „во живо во етер“
Политичките проблеми не го натераа Кремљ да ги пренебрегне финансиските прашања. Нападот против „Јукос“ продолжува – нашиот деловен свет се мачи да одгризе колку што може од него, додека се уште има што да се земе. Арбитражниот суд на Јакутија пресудува во полза на „Сургутнефтгаз“, компанија која го загуби тендерот за право на производство на нафта и гас, спроведен во март 2002-та, од „Саханефтгаз“, отпосле дел од „Јукос“. Пресудата го лишува „Јукос“ од Талаканското наоѓалиште на нафта со неговите резерви од сто и дваесет милиони тони нафта и шеесет милиони кубни метри гас и му пресудува на неговиот конкурент вечен монопол врз главната концесија на полето.
Централната банка соопшти нов рекорд во пополнувањето на валутната и резервата во злато. До 5 декември, тоа се 70,6 милијарди долари. Само, дали навистина треба да триумфираме? Една од главните причини фирмите да ги истураат валутните приходи на пазарот, се проблемите на „Јукос“ – државата тврди дека компанијата ги криела приходите, за да не плаќа даноци. Другите не го искушуваат провидението и ги претвораат печалбите во рубљи. Ѓурултијата околу „Јукос“ воопшто не и штети на државата и токму затоа можеме да го плаќаме надворешниот долг. Рускиот народ ликува и абер си нема што се случува.
ВОЈНАТА ВО ЧЕЧЕНИЈА ЈА СНЕМА ОД РУСКИОТ КАЛЕНДАР
Денес е и деветтата годишнина од почетокот на последните војни на Русија против Чеченците. На 11 декември 1994-та, во Грозни влегоа првите тенкови и ги видовме првите војници и офицери како горат живи во нив. Денес на ниту еден телевизиски канал не споменуваат за тоа. Годишнината е исфрлена од рускиот календар. Едногласноста на телевизиските канали не може да биде случајна. Очигледно, зад неа стојат инструкции, добиени од претседателската администрација, што значи дека во претседателската кампања на Путин со сигурност нема да се споменува Чеченија. Така дејствува тој. Бидејќи не знае што да прави со Чеченија, таа нема да биде на дневен ред.
Вечерта имаше телевизиска дебата меѓу Валерија Новодворскаја, демократка до балчак, и Владимир Жириновски. Таа зборува за чудовишната неодговорност на војната во Чеченија, за крвопролевањата и геноцидот. Во својот одговор, пак, Жириновски хистерично крештеше: „Надвор од земјата! Никогаш нема да отстапиме пред нив!“.
На крајот на емисијата, гледачите гласаа 40.000 наспроти 16.000 во негова полза.
Едногласноста на телевизиските канали не може да биде случајна. Очигледно, зад неа стојат инструкции, добиени од претседателската администрација
12 декември
Денот на уставот. Празник. Москва врие од милиционери и цивилни агенти. Насекаде има кучиња, бараат експлозиви. Претседателот прави голем прием во Кремљ за политичката и олигархиската елита и држи говор за човечките права, од кој произлегува дека тие триумфирале во Русија. Присуствуваше и Елцин. Изгледаше поздрав и помлад, но, психичките проблеми му беа напишани на лицето. Го поканиле, затоа што уставот беше гласан во време на неговиот претседателски мандат. Обично не го канат во Путиновиот Кремљ.
Една анкета покажува дека само два процента од Русите имаат задлабочена претстава за тоа, што всушност претставува уставот. Четириесет и пет проценти сметаат дека основната гаранција им е „правото на работа“. Само шест проценти ја споменуваат слободата на говорот како нешто фундаментално за нивниот начин на живот.
Путин: Ако не ветуваш ништо што не можеш да исполниш, нема од што да се плашиш.
18 декември
Отворена телевизиска линија. Голем настан – Путин се сретна со народот. Беше објавено дека пристигнале над еден милион прашања. Виртуелниот дијалог на Претседателот со земјата, го диригираа неговите омилени телевизиски водители, Сергеј Брилев од Канал Русија и Екатерина Андреева од Канал Еден.
Андреева кон Путин: По трет пат учествувате во оваа директна линија. Јас исто така. Нервозен ли сте?
Путин: Не. Ако не ветуваш ништо што не можеш да исполниш, нема од што да се плашиш.
Брилев, зазбивтан од радост: Исто како нашата професија…
Путин: Сите успеси на Русија се постигнати со упорна работа. Имаше многу тешкотии и времени порази, но, Русија се докажа како земја, која цврсто стои на нозете и брзо се развива. Донесов некои статистики…
Прашање од Комсомолск на Амур, Хабаровска област: Нашиот град е трет по големина во рускиот далечен Исток, огромен индустриски центар, град на младината, но, многу е далеку од Москва. Се викам Кирил Бородулин. Работам во Амурското бродоградилиште. Во моментот работиме само по нарачки од странство. Кога ќе дочекаме нарачки од руската одбранбена индустрија? Сакаме да сме и потребни на Русија.
(Човек има впечаток дека прашањата не се спонтани, а и одговорите изгледаат претходно подготвени. Путин чита статистики од своите белешки, и покрај тоа што прашањето е зададено „во живо во етер“. Очигледно, си одговара само на прашањата на кои сака да одговара.)
Путин: Фактот дека работите за извоз е сосема позитивен. За пазарот на оружје се води борба и Русија се справува доста добро. Разработивме програма за производство на оружје до 2010 година и таа е наполно финансирана… Приоритетите се определуваат од Министерството за одбрана… Бидете сигурни дека ќе имаме потреба од вашите услуги!
(продолжува наредниот петок)